Дали е можен брз резултат во владеењето на правото и колку е реално тоа остварливо во пресрет на мајските пораки за евентуално добивање на датум за почеток на преговорите? На ова прашање синоќа во заедничко интервју во „Што не е јасно?“ одговараа германскиот и францускиот амбасадор Томас Герберих и Кристиан Тимоние.

Тие беа гости во емисијата по повод 57-годишнината од потпишувањето на меѓусебното помирување.

- За граѓаните на Македонија е многу важно да има владеење на правото. Гледаме колку луѓе ја напуштаат земјата, тоа го гледам актуелно секое утро кога доаѓам во германската амбасада. Го гледам големиот ред пред амбасадата, ги гледам сите оние коишто поднесуваат барање за добивање на работна виза. Мислам дека освен плата и поголем животен стандард, им недостига и правната сигурност. Тоа е реформа која што треба прва да се спроведе, изјави германскиот амбасадор Герберих. Прво е важно да се дефинира методологијата за проширување од самата ЕУ а потоа и критериумите што Македонија треба да ги исполни за да се разгоара за датум.

– Прашањата за добивање на датумот кај нас се вртат околу две прашања. Прво, повторно да се види извештајот за напредокот на земјата од областа на човековите права и правната држава и втората точка е тој конкретен Закон за јавно обвинителство. Тој е многу важен затоа што со него би можело да се даде можност да се третираат и стари и нови предмети кои што ја трујат политичката клима. Многу е важно големите политички партии да успеат да се договорат за тоа прашање, посочи францускиот амбасадор Тимоние.