Четворица „искусни“ соработници на француската невладина организација СОС Кретјан д’ориент (Источни христијани), од кои тројца Французи и еден Ирачанец, се водат за исчезнати од понеделникот во Багдад, и се уште не е добиено барање за откуп или преземање на одговорноста, објави невладината организација на својата интернет страница, јавува дописникот на МИА.

Четворицата „исчезнаа околу Француската амбасада“ во центарот на градот, според Бенжамин Бланшар, генералниот директор и ко-основач на невладината организација СОС Кретјан д’ориент, која помага на ова верско малцинство, жртва на насилно прогонство во регионот.

Четворицата „се искусни вработени кои соработуваат со нас со години“, додаде тој за време на прес-конференцијата, нагласувајќи го нивното „совршено познавање на кризите“ што го потресуваат регионот.

Организацијата залудно се обиде да ги добие во текот на денот и во вторникот, пред да ги извести француските власти во средата наутро. Идентитетите на четворицата исчезнати не беа обелоденети од безбедносни причини.

-Тие беа таму за да ги обноват своите визи и да го регистрираат здружението пред ирачките власти, продолжи директорот, додавајќи дека СОС Кретјан д’ориент бил официјално регистриран пред автономната регионална влада на Курдистан, но сè уште не пред сојузната влада во Багдад. „Тоа се долги и сложени процедури“.

Француското Министерство за надворешни работи не даде коментар, освен Француската амбасада во Ирак.

-Француските и ирачките власти денеска се координираат за да ги испитаат и да ги пронајдат нивните траги, рече Бенжамин Бланшар, додавајќи дека тој бил „во близок контакт“ со семејствата.

НВО се претставува како хуманитарно здружение, кое им помага на христијаните на Истокот, жртви на прогонство, особено под влијание на самопрогласениот калифат на терористичката организација Исламска држава.

Според веб-страницата на НВО, таа ја изврши својата прва мисија во Сирија во 2013 година, а потоа во Ирак во април 2014 година, пред истата година да отвори во Багдад постојана мисија.


Администратор
25/01/2020 19:30