Се зајакнува безбедноста во сообраќајот за учениците од основното училиште „Дедо Иљо Малешевски” во Берово. За таа цел општината ангажираше економски оператор за поставување забавувачи на сообраќајот на улицата „Маршал Тито” која се наоѓа во близина на основното училиште во градот.
Од општината велат дека целта е зголемување на безбедноста на беровските улици, со акцент на заштита на најмалите како учесници во соообраќајот.
– Општина Берово, во рамките на своите надлежности, постојано се грижи за безбедноста на граѓаните, во сообраќајот, а особено за учениците. За таа цел веќе се поставени забавувачи или таканаречени „лежечки полицајци”, кои служат за намалување на брзината на движење на возилата, а ќе бидат покриени и со сообраќајни знаци, кои ќе ја ограничат брзината на возилата во пределот околу училиштето, на 30 километри на час, информираат од општината.
Оттаму посочуваат дека поставувањето на вакви „лежечки полицајци” е предвидено и на останатата патна мрежа во близина на воспитно-образовни установи.
Предвидено е да се постават и во близина на гимназијата „Ацо Русковски”, каде е планирано тоа да се реализира до крајот на оваа учебна година.
Реализацијата на овие активности е дел од програмата за изградба, реконструкција и одржување на локални патишта и улици во Општина Берово, од ставката за набавка и изградба на сообраќајна сигнализација.