Општина Кочани ги заврши подготвителните работи за уредување на градежното земјиште за изградба на новата детска градинка во населбата Драчевик.

Оперативните служби ги поставија приклучоците за вода, канализација и струја до парцелата за градинката, а до крајот на месецов фирмата изведувач што беше избрана по јавната постапка, ќе биде воведена во градежните работите.

– Во изградбата на новата детска градинка во Кочани, Општината учествува со реализацијата на објекти од комунална инфраструктура, односно изградба на пристапна улица, водоводна, фекална и атмосферска канализација, како и на другата потребна инсталација со приклучоци до градежната парцела. Изведбата на подготвителните инфраструктурни работи се извршија според деталниот урбанистички план за Градската четврт 9, истакна Влатко Димитров, раководител на Секторот за уредување на градежното земјиште.

Изградбата на новата детска градинка во Кочани е во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го реализира Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка од Светска банка, а чија цел е згоелмување на капацитетите за сместување на деца од претшколска возраст.

Според идејно-техничкиот план, се работи за мултифункционален, компактен објект, проектиран според најсовремени стандарди, односно градинка од отворен тип, со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност.

Објектот ќе има најсовремена фотокаталитичка фасада што ќе дава ефект на 40 дрвца и ќе го прочистува воздухот во околината на градинката од смог и други честички. та/вј/