Тоше обединува. Потврда за ова е и меѓуинституционалната соработка меѓу Општина Карпош и Нова Градишка (Хрватска), која се негува повеќе години.

Пред самиот почеток на денешниот 11. Меморијален фудбалски турнир во спомен на Тоше Проески, утринава градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев имаше работна средба со градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ. Градоначалниците зборуваа за продлабочување на соработката меѓу двете локални самоуправи, а разменија и мислења за актуелните политички случувања во двете земји.

Имено, Хрватска започна да претседава со Советот на Европската Унија. Во таа насока, значајна е поддршката која ја добива нашата земја во евроинтегративните процеси од пријателска Хрватска.

Градоначалникот Богоев го информираше Гргиќ за актуелните случувања во Карпош. Пред се, се осврна на фактот дека локалната самоуправа продолжува да се развива и покрај тешката финансиска состојба. Тие беа согласни дека треба да се продолжи и унапреди организацијата на Меморијалниот турнир во фудбал. Затоа што вредностите кои ги споделуваше Тоше се цивилизациски вредности: хуманост, солидарност, мир и пријателство.


Администратор
25/01/2020 13:50