Основниот суд во Гевгелија од почетокот на годинава повторно извршува надлежности од проширена дејност што му беа одземени пред 12 години, потврдија денеска од судот.

– Судот во општина Гевгелија повторно е надлежен во повеќе области како што се граѓански спорови во кои имотно правното побарување е над 50.000 евра,кривичната постапка за дела за кои е предвидена казна затвор над 10 години, во прекршочната постапка,во која новина е дека може да применува и алтернативни мерка како и за стопански спорови меѓу две лица што досега не беше случај, рече денеска претседателката на судот, Злата Попова.

Враќањето на надлежностите на Основниот суд од Гевгелија, според градоначалникот Сашо Поцков, е за поздравување бидејќи значително ќе придонесе за олеснување на судските постапки за граѓаните и правните лица од четирите југоисточни општини, Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран, кои изминативе 12 години мораа да се јавуваат на суд во Велес.