Интензивно се работи на Спортско – адреналинскиот парк долж Кејот на реката Вардар, околу Алпинистичката карпа. Во овие моменти, се одредува просторот за новото зеленило и хортикултурното уредување кое ќе се простира на површина од 4.000 квадратни метри. Веќе се преземаат градежни активности за изведба на новото фудбалско и одбојкарско игралиште, на детската зона, на скејт паркот, како и на адреналинскиот дел и скверот.

Денеска, градоначалникот Стефан Богоев беше во увид на активностите на овој потег, кој ќе прерасне во атрактивна спортско – рекреативна зона.

По завршување на изведбата на Спортско – адреналинскиот парк, Општина Карпош ќе продолжи со подготвителни активности и рамнење на теренот до бунарите на реката Лепенец, за целосно да се раззелени овој дел, кој со децении е место за создавање депонии и палење огнови на отворено.

Имено, локалната самоуправа одвои три милиони денари од Буџетот за старт на подготвителните активности, а Градот Скопје ќе даде и. поддршка за големиот парк , поточно за раззеленување на потегот.

Општина Карпош за Спортско – адреналинскиот парк, преку Секторот за развој, аплицираше со проект во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), при што е добиен грант во висина од 38.100.000 денари. Оваа финансиска поддршка ја обезбеди Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија преку Кабинетот на заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања. Учеството на локалната самоуправа изнесува околу пет милиони денари, а паркот се очекува да биде завршен до крајот на јуни 2020 година.


Администратор
24/01/2020 15:15