Управата на кошаркарскиот клуб Гостивар, со соопштение реагира на предлог одлуката за распределбата на финансиски средства наменети за спорт која идната недела треба да се разгледува и гласа на седница на Советот на општина Гостивар. Според реакцијата, се искажува незадоволство, бидејќи речиси половината од предвидените средства за поддршка на спортот треба да ги добие фудбалскиот клуб кој настапува во втората државна лига.

Во дописот, од управата на кошаркарскиот прволигаш се наведува дека надлежната комисија за 21 седница доставила предлог со кој од предвидените 9,2 милиони денари, 4 милиони треба да добие еден клуб, а остатокот да се распредели на останати спортски субјекти во Гостивар.

– Со целосна почит кон сите спортски клубови од Гостивар, реакцијата не е насочена кон нив, туку кон функционерите кои имаат обврска должноста да ја спроведуваат согласно законот и актите на локалната самоуправа. Јавно ги прашуваме сите одговорни во општината, советници, функционери, членови на комисии, градоначалник: Според кој критериум ги распределувате јавните пари на граѓаните на Гостивар, се наведува во реакцијата.

Од кошаракрскиот клуб Гостивар јавно прашуваат по кој критериум на второлигашки клуб му се доделуваат 4.000.000 денари од 9.200.000 денари вкупниот буџет за спорт, а колку тогаш му следува на лидерот на табелата во најелитното кошаркарско натпреварување во државата.

– Никогаш не сме се мешале во работата на политичарите, иако се плаќаат со наши пари, но ваква лакрдија, непочитување и понижување кон најголемиот репрезент и спортски колектив од градот, нема да дозволиме. Со сите законски мерки ќе настојуваме распределбата на парите од граѓаните да оди според заслугите, успесите. Јавно ги повикуваме сите советници, градоначалник, функционери кои се дел од ова, да ја преиспитаат нивната одлука и еднаш засекогаш покажат достоинство, чесност и карактер, почитуваајќи ги законите и успехот, а во случајов и волјата на граѓаните, стои во дописот од клубот.

Според предлог одлуката која треба да биде точка на дневен ред на 21-та седница на Советот на општина Гостивар се предлага да се доделат финансиски средства од буџетот на општината во износ од 4 милиони денари на Фудбалскиот Клуб Гостивар-Гостивар кои се предвидени во програмата: спорт и рекреација, на ставка 463 – трансфери за спортски клубови. Овие средства се одобруваат за тековата 2020 година.


Администратор
24/01/2020 12:45