Заштитникот на граѓаните Зоран Пашалиќ иницираше процес на контрола на српското Министерство за животна средина.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во соопштението од Пашалиќ се наведува дека „министерството нема споведено конкретни мерки во долг временски период“ во врска со поплаките на граѓаните за прекумерното загадување на воздухот.

Наведувајќи дека постапката ја покренал по своја иницијатива, омбудсманот потсети дека „уште во 2018 година“, квалитетот на воздухот во Србија бил официјално оценет со „Трета категорија“: прекумерно загаден воздухот е регистриран во Белград, Краљево, Ваљево, Крагуевац, Суботица, Сремска Митровица, Панчево, Ужице, Смедерево и Косјериќ.

-Трендот од 2018 година продолжи во 2019 година. Прекумерното загадување на воздухот во Белград, како и во другите градови во Србија, кои во последниве месеци бележат високи концентрации на суспендирани честички на PM10 и/или PM2.5, оправдано ја вознемири јавноста и граѓаните и недвосмислено укажа на потребата од превземање на итни мерки за утврдување на препорачаните безбедносни граници за квалитетот на воздухот, наведе заштитник на граѓаните.

Тој побара од Министерството за животна средина да објасни „зошто, и покрај негативните оценки на квалитетот на воздухот во 2018 година, навремено не презело или предложило конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на енергетската ефикасност“.

-Бидејќи стручната јавност укажува на низа различни причини за загадување на воздухот, и тоа на согорување на јаглен со слаб квалитет во термоцентралите, интензивниот сообраќај, индивидуалните ложишта и тековните временски услови, дали Министерството за животна средина има извршено анализа на основните, доминантни предизвикувачи на високиот степен на загадување одделно по градовите и единиците на локална самоуправа, праша Народниот правобранител.

Народниот правобранител го повика Министерството да одговори на прашањето дали јавноста е редовно и целосно информирана за тековната состојба, односно „дали на граѓаните им се обезбедуваат доволно податоци за видот и обемот на информации за измерените вредности, нивното значење и влијанието кое измерените вредности на загадувачите можат да имаат на нивното здравје “.

Во петокот, Министерство за животна средина соопшти дека проценило да намалувањето на загадувањето на воздухот Србија ќе ја чини 2,4 милијарди евра и предложи за решавање на проблемот да се забрани увозот на половни автомобили и преминување на други извори на енергија наместо јаглен и мазут.

Податоците од мерните станици покажуваат дека воздухот во Белград, Панчево, Смедерево, Ниш, Ужице и Ваљево е многу загаден. Србија е меѓу државите кои имаат најзагаден воздух во светот, објави Светската алијанса за здравје и загадување. Овој сојуз е основан во 2012 година од Светската банка, Европската комисија и Обединетите нации во соработка со бројни други организации.


Администратор
13/01/2020 22:33