Нов бегалски бран и огромно поскапување на нафтата и се закануваат на Македонија од судирот САД-Иран, вели воено-политичкиот аналитичар Милан Стефановски.
- За Македонија индиректна опасност е нов бегалски бран. Народот на Блискиот Исток е изморен од војни, имаше во Сирија, Ирак, Авганистан...сега конфликтот со Иран, без разлика дали е од среден домен, или контролирани бомбардирања или отворен воен судир , најверојатно ќе донесе нов бегалски бран. Уште една опасност по нашата но и глобалната економија, е претпоствката дека 20 до 30 проценти од цената на нафтата би пораснале и тоа ниедна глобална економија не може да го издржи, објаснува Стефановски за „Алфа“.
Тој не верува дека САД нема да одговори на отворениот напад од Иран, оти досега немало случај во минатото кога суверена земја како Иран нападнала официјални бази на САД.
- Оттука може да се заклучи дека станува збор за многу сериозна состојба. Постојат најмалку две опции за развој на настаните. Прво не мислам дека веднаш би дошло до состојба на смирување , бидејќи освен овие две воени бази, Американците имаат уште најмалку 10 други. Иран не е било која држава, доста е моќен и е различен од оние искуства што САД ги имаше со Ирак, Сирија и Авганистан. Веројатно би следел одговор од САД но кон конкретни и точно утврдени цели. Истовремено ни на САД ни на Иран не им одговара директен судир, нагласува Стефановски.