Нов живот добија неколку деца и млади со најтешка физичка и ментална попреченост, по излегувањето од Специјален завод Демир Капија. Деветнаесет лица до 26 годишна возраст излегоа од Заводот за околу две години. Тие ја напуштија гломазната институција во која своевремено беа сместени околу двеста лица и сега живеат во мали групни домови од максимум четири членови, со 24 часовна поддршка.
Директорката, Александра Велковска појаснува дека целта на деинституционализацијата е подобрување на условите за живот за сите нив и целосна интеграција во заедницата. Прво беа извлечени децата до 18 години и неколку до 26 години.
-Тие беа донесени кај нас на различна возраст, најрано на околу пет години. Дојдоа од биолошки или згрижувачки семејства, како и од други институции. Некои се подвижни, а други неподвижни, појаснува Велковска.
Во моментов во Заводот се врши реновирање во сите оддели, а директорката нагласува дека и покрај процесот на деинституционализација, сите што се сместени овде заслужуваат пристојно живеење се до последниот ден од нивниот престој на оваа адреса. Тука сега има 189 корисници и сите се возрасни, сместени во два објекта. Планот на Министерството за труд и социјална политика е, заклучно со 2021 година, сите корисници да бидат деинституционализирани.
-Дел од нив можат, со стручна подготовка и поддршка, да се приспособат за самостојно живеење во заедницата. Со извлекување на максимум од нивниот потенцијал, тие можат да бидат и работно ангажирани и целосно интегрирани во општеството. Некои од нив и сега се ангажираат во одредени активности во установата, појаснува Велковска.
Петте мали групни домови, од кои два се во Скопје, се менаџирани од страна на вработени во Заводот, кој во моментов има 123 работно ангажирани лица, од кои околу 100 се во директен контакт со корисниците. Директорката вели дека нема повеќе страв за работните места.
Додава дека заради подготовка и поддршка за натамошно излегување од институцијата, ќе се ангажираат дополнителен број стручни лица. Во меѓувреме, се работи на проширување на дејноста, во објектот депанданс да се организира одменска грижа и интервентно сместување, како и поддршка во домовите за стари лица и лица со попреченост.
-Тоа значи дека овде ќе им се даде можност на биолошките семејства времено да ги донесат своите блиски со попреченост, на државен трошок максимум петнаесет дена во годината, а на приватно и повеќе, во период кога тие имаат неопходна потреба од одмена. Интервентното сместување пак, подразбира сместување на максимум еден месец, во исклучителни случаи, како на пример смрт на блиски, пожар или слично. Временото сместување истовремено значи и превенција од институционализација, додаде директорката.
И за крај, за тоа што всушност значи процесот на деинституционализација, говори фактот што во Заводот, еден негувател на пример се грижи за околу 24 корисници. Во малите групни домови во Неготино и селата Тимјаник и Корешница, ангажирани се 14 негуватели за 11 лица, а дополнително има координатор дефектолог и дипломиран физиотерапевт.