Ветеринарната комора на Република Македонија, на истекот на кампањата за масовна идентификација и регистрација на домашните миленици (чипирање), која завршува на 31.12.2019 година, апелира до сопствениците на домашни миленици да ја искористат можноста за бесплатно микрочипирање на своите миленици.

После истекот на овој период, како што велат од Ветеринарната комора, микрочипирањето и регистрацијата ќе се наплаќа по редовна цена, а Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и другите инспекциски служби ќе вршат зајакната контрола и ќе ги санкционираат сопствениците кои не го идентификувале својот домашен миленик.

До овој момент во информативниот систем на АХВ се регистрирани 72.155 домашни миленици од кои 69.234 кучиња и 2.921 мачки.

Ветеринарната комора, преку своите членови и понатаму ќе се вклучува во сите активности, кои имаат за цел јакнење на одговорното сопствеништво, како еден од најважните предуслови за решавање на долгогодишните проблеми со бездомните животни.


Администратор
09/12/2019 02:13