Со свечена академија синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид беше одбележан празникот Свети Климент Охридски – патрон на градот.

Во обраќањето пред присутните на свеченоста се обрати градоначалникот Константин Георгиески, кој истакна дека Охрид и Северна Македонија го слават учителот и светителот, заштитникот на градот и на Македонската православна црква, милениумскиот духовен водител, иниспиратор и бдејач над македонскиот народ.

– Во многуилјадното битисување на Охрид, низ неговите цивилизациски пластови свој белег оставиле неимари и војсководци, цареви и освојувачи, владетели и духовни водачи, кои со своите дела ја моделирале вечноста на овој град. Грандиозното и божествено дело на Свети Климент Охридски по својата просветителска, хуманистичка и посебно духовна вредност, ги надминува сите негови претходници и сите негови наследници и е најцврстиот темел за нашата посебност во севкупната човечка цивилизација, рече меѓу другото Георгиески.

Георгиески додаде дека Охрид живее во духот на својот учител, светителот и просветителот кој со своето дело го претвори градот во центар на ширењето на сесловенската писменост и култура, што претставува драгоцен придонес во светското културно наследство.

– Македонија и македонците низ столетијата поминале многу премрежја и ветрометини, на кои секогаш одговареле со кроткост, милосрдие и човекољубие. Но, не затоа што е тоа некаква маленкост, помала вредност или потчинетост. Не драги мои. Тоа е затоа што ние сме кротки, но одлучни, нежни но цврсти, трпеливи но непоколебливи. Тоа е нашиот генетски запис и културен код всаден од нашиот Свети Климент Охридски, како најдобар патоказ да истраеме низ сите премрежја, падови и воздигнувања. Верувам дека како генерација успеваме да истраеме на Светиклиментовата порака и ќе знаеме истата да ја пренесеме на следните генерации, додаде Георгиески.

На свечената академија традиционално беа доделени и највисоките општински награди. Највисокото општинско признание наградата „Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“ постхумно му беше доделена на прерано починатиот градоначалник Јован Стојаноски, а во името на семејството наградата ја прими неговата сопруга Надица Стојаноска.

Добитници на повелбата „Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“ годинава се Виолета Петкоска, професор по одделенска настава во ОУ „Кочо Рацин“ и Планинската спасителна служба при Општинската организација на Црвениот крст.

Академијата продолжи со културно–уметничка програма подготвена од учениците од средното училиште што го носи името на патронот.

Свеченостите по повод патрониот празник во Охрид ќе бидат заокружени денеска со поклонение пред моштите на Свети Климент на Плаошник и положување свежо цвеќе пред спомениците на светецот во ОУ „Св.Климент Охридски“ и на Градскиот плоштад.


Администратор
08/12/2019 12:17