Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на денешната прес-конференција во врска со заклучоците на Венецијанската комисија во однос на Законот за јазици истакна дека евентуална негативна одлука на Уставниот суд може да доведе до дисбаланс на односите меѓу македонската и албанската етничка заедница:
– И јас ќе се повикам на ставот на Пендаровски даден во интервју за една телевизија дека нема ниту еден закон кој може да ми забрани да коментирам одлука на суд, особено ако таа одлука може да го помести балансот на односите меѓу двете најголеми заедници на кои почива стабилноста и просперитетот на оваа држава. Тоа е приоритет број еден во оваа држава и апсолутно сум повикан во име на иднината на оваа држава да повикам на внимателност, одговори Османи на новинарско прашање во однос на тоа дали се заканува и како од позиција на вицепремиер кажува каква одлука треба да донесе Уставниот суд,
Додаде дека ако има еднострано поместување на тој баланс значи дека нема на што да се одржуваат тие односи, значи враќање назад пред донесувањето на Охридскиот рамковен договор и отворање дебата за него.
Одговарајќи на новинарско прашање Османи истакна дека законот е компромисното решение што е постигнато, балансот постигнат во односите и треба како Влада и држава да направиме акциски планови со цел да ја олесниме имплементацијата.
– Сите забелешки на Венецијанската комисија да ги имплементираме во акциските планови и во создавањето капацитети. Тоа е ставот кој денеска го споделувам и сметам дека тоа е најдоброто решение, рече Османи