И покрај тоа што најдобрата работа што ја направи оваа власт беше решавањето на големите национални прашања, односно ставање во рамка на сите национални прашања што ја тиштеа државата во последниве три децении, сепак особено потфрли во делот на испорачување на правдата, изјави во интервју за МИА извршниот директор на Центарот за европски стратегии – Евротинк, Љупчо Петковски.

– Оваа држава има големи проблеми и требаше да има радикални чекори, искреност во намерите и борба против неказнивоста. Луѓето бараат правда, сакаат да почитуваат правда. Европа е симбол за правда. Мислиме дека ни треба Европа затоа што сакаме правда, затоа што сакаме да не може секој моќник да не помине неказнето, вели Петковски за МИА.

Оценува дека недобивањето датум за Македонија и Албанија е непромислена одлука, со која одредени западни земји ги наградија ретроградните сили на Балканот.

Посочува дека со целата приказна со француското вето, во земјава се уби надежта, а, како што вели без надеж има апатија и цинизам и се случуваат некои лоши трендови од кои капитализираат неколку прогресивни политички елити.

За францускиот нон-пејпер за новата методологија на преговарање, Петковски оценува дека тоа е можеби изговор или компензација за стравот на Франција дека тука работите не се менуваат и недостигот на визија дали навистина припаѓаме во нивното семејство или не.

Во однос на преговарачките поглавја, Петковски за МИА вели дека најтешко и најскапо е Поглавјето животна средина, и тука државата има најмал капацитет да се справи со тоа. Порачува дека на овој план не треба да има изговори и оти сами треба да почнеме да си го чистиме ѓубрето.

Пред десетина дена излезе францускиот нон-пејпер за новата методологија на преговарање, што предлага постепено зачленување на земјите кандидати. Идејата е преговорите да не траат со децении, како што се одолговлечија со Србија и Црна Гора, како и потребата од реорганизација на процесот на преговори. Дали со ова има ризик ние да преговараме со децении поради реверзибилноста на процесот?

– Во Србија и Црна Гора не траат со децении, но има потенцијал да траат со децении, но не е ситуацијата таква. Таму се отворени преговорите пред шест, седум години и нема изгледи за затворање. Има дури и демократско уназадување во Србија и во Црна Гора според многу релевантни извештаи. Пред да ви одговорам на прашањето ќе дадам малку контекст, за тоа како изгледа регионот после Европскиот совет во октомври, кој е победник, кој е губитник, кој извлече корист од целото француско противење на проширувањето и почнувањето на преговори од страна на нашата држава и Албанија.

Ќе ве вратам малку наназад. Најдобрата работа што ја направи оваа власт беше решавањето на големите национални прашања, односно ставањето во рамка на сите национални прашања што ја тиштеле државата во последниве три децении. Тоа се односите со соседите преку двата договора за добрососедство со Бугарија и со Грција преку решавањето на спорот со името и третата работа е Законот за јазици, со кој албанскиот практично стана службен јазик на целата територија на државата, со што власта отиде преку барањата на Охридскиот рамковен договор. И тоа е добро, затоа што сите заедници во државата можат да се чувствуваат како државата да е нивна, ќе можат да ги остваруваат своите права. Преспа е добра затоа што затворивме една отровна, токсична приказна, која што нашите односи ги труе со соседите со години. Договорот со Бугарија е подеднакво важен затоа што со тоа во рамка ставивме некакви отровни односи градени децении наназад. Со тоа ние покажавме голем државотворен капацитет и како народ и како држава и на некој начин им ги извлековме аргументите, и политичарите во оваа држава веќе немаат изговори. Сетете се Груевски како го користеше спорот за името како изговор за неправењето реформи, или за неправењето добри работи во оваа држава. Како ги користеше како изговор односите со албанската заедница, односите меѓу Македонците и Албанците внатре во Македонија, како изговор за своите авторитарни тенденции, за заробувањето на државата, за контролата врз судството. Сетете се како Груевски и Ахмети играа една совршено координирана игра, во која што палеа пожари а потоа заедно ги гаснеа. Значи беа миротворци. Мислам дека со решавањето на сите овие проблеми и тоа заедно со граѓанската енергија од 2017 година, од Македонија создадоа еден потенцијален светол пример, за тоа како балканските држави, за кои што традиционалната асоцијација е дека се буре барут, етнократи и каде што има комплицирани меѓуетнички односи, како сите овие работи дадоа еден светол пример, поздравен од меѓународната заедница, од Европската унија, од нашите пријатели од страна, и како беше посочена нашата држава како пример како може да се решат и другите регионални проблеми што го тиштат Балканот. И за очекување беше тоа да биде признаено. Сетете се кое беше прашањето за референдумот. Тоа беше тешко политичко прашање. Ние нашите луѓе и замоливме да излезат на референдум и да речат доста е, доста се расправаме со Грците, ајде да го промениме името, не е убаво, не е лесно, но ова ќе ни отвори перспектива, ќе знаеме дека Европа не сака, ќе знаеме дека ќе имаме пристап до ресурсите, знаењето, политичката поддршка, стабилноста што ја носат преговорите и членството во НАТО. Целата работа беше така претставена.

И што се случи со октомври? Се случи тоа да целата резонантност на оваа апсолутно легитимна приказна падна во вода. Регионално, целата идеја зошто Западот ја поддржа оваа Влада беше големата слика, беше создавањето на тампон зона околу Србија, затоа што сите добри познавачи на регионот знаат дека Србија е големиот потенцијален извозник и увозник на стабилност во регионот, дека таа е најголемата држава од која зависат многу работи, најбогата е, во средина, отворени прашања во однос на Косово, отворени прашања во однос на големите српски заедници во Босна… Значи ако се создаде тампон зона околу Србија, нема да има отворени прашања околу Србија, таа е опкружена со многу членки на НАТО, тоа би направило некаков притисок врз тамошните политички елити, коишто инаку се сметаат за чудни, да почнат да ја заземаат вистинската страна, да почнат да ги решаваат проблемите, да не размислуваат за размена на територии, да бидат поконструктивни во однос на Босна, сите тие приказни за проблематизација на границите да престанат итн…

И сега се случи елитите кои самиот Запад ги смета за чудни, меѓутоа мора да соработува со нив испаднаа победници во оваа приказна. Најголем победник од нашето недобивање преговори, од нејасноста на нашата перспектива во однос на Европа, во однос на тоа каде припаѓаме и како треба да се реформираме, е всушност српската политичка елита.

Ете сетете се кои беа насловите во српските медиуми по француското вето, кои беа пораките што ги испраќаше Вучиќ: „Арно му велев на Заев дека не треба да го решава спорот со Грција затоа што Европа не го сака, дека нема да добиете ништо“, „Зошто јас би влегол во тежок компромис за признавање на Косово, кога ете примерот на Македонија покажува дека решавањето на тешките проблеми не носи бенефит“, „И пак ќе ни најдат изговори дека ние не чиниме иако ние правиме реформи“, итн.

Тоа е многу слично на јазикот што го имаше ВМРО-ДПМНЕ под Никола Груевски, многу поопасен, многу пософистициран, затоа што политичките актери во Србија се попаметни и поспремни од нашите, подеднакво опасни. Кој беше награден од приказната за тешките компромиси – Александар Вучиќ. Јас немам добро мислење за српските политички елити, но за жал Западот односно одредени западни земји со оваа непромислена одлука ги наградија ретроградните сили на Балканот. Дали е тоа од стратешки причини, дали е тоа неумеење, дали е тоа од кусогледост или постои некоја слика што ние не ја разбираме, во тоа не би навлегувал. Но реалноста е таква што анти или нецелосно европските сили или силите што многу добро го говорат тој проевропски дискурс, а во суштина работат на заробување на своите држави – победија.

Сега сме во полоша ситуација отколку што сме биле пред една година. Ние редовно правиме анкети и ги прашуваме луѓето кога Македонија се очекува да влезе во ЕУ. После 2017 година преку ова прашање е видлив еден тренд на зголемување на оптимизмот и тоа беше оправдано, затоа што нашите елити тоа така го претставија пред граѓаните. Во моментов се прави уште една анкета и јас претпоставувам дека тој податок ќе оди надолу. Сето тоа го поткопува кредибилитетот на Унијата кај нас. Не е само за тоа крива Унијата, ние знаеме каде припаѓаме, ние сме дел од Европа, дел од германскиот индустриски простор, има фабрики, има слободен пазар, движење на луѓе, нашите луѓе се селат во Европа итн…

Работата е дека со целата оваа приказна со француското вето, во Македонија се уби надежта. А надежта е многу битно чувство во политиката. Без надеж има апатија, без надеж има цинизам, без надеж се случуваат некои лоши трендови од кои капитализираат неколку прогресивни политички елити. Така што не знам работите како ќе се одвиваат, она што го знам дека од целава приказна со француското вето на некој начин се казнети, условно кажано „добрите момци“, додека „лошите момци“ извлекоа ќар.

Ова не носи на прашањето за нон-пејперот. Јас имам лична политика да не го коментирам додека не слушнам како државата, нашето МНР ќе го процени. Кога го читате документот имам мешано чувство – или е напишано од некоја најпаметна екипа на експерти, луѓе, политичари, што навистина разбираат нешто што ние останатите не разбираме, но истовремено имам чувство дека тоа е од некој што тотално не го интересира или не го познава Балканот. Има многу детали што се нелогични, на пример еве на најфилозофско ниво ја имате целата идеја за полиси блокови – прво вие ќе го решите владеењето на правото, прво ќе станете демократија, а потоа во петтиот и шестиот блок ќе станете дел од заедничкиот пазар, односно ќе преговарате за такви работи, ќе ја развивате економијата. Сите знаеме дека нема вистинска демократија кога нема силна средна класа. Силна средна класа има кога на пазарот функционираат фирми кои се борат, кои создаваат, кои не се зависни од државата и газдите на тие фирми се оние кои се најзаинтересирани во една демонополизирана економија да има правила, да има правила на игра што важат за сите, а не зависат од државата, од арбитрарноста на политичките елити, да не цицаат од заробеноста на државата. Тука има некои недефинирани работи и јас се плашам дека ова е изговор, ова е компензација за стравот на Франција дека тука работите не се менуваат и недостигот на визија дали навистина припаѓаме таму или не. Но да оставиме времето да покаже, треба и Комисијата да се јави, и самите ќе посочат што може, а што не може. Мојот страв е тој. Плашејќи се од неуспешноста на постојните механизми на проширувањето, мојот страв е дека овие две држави ќе влезат во некакво турско сценарио – 30 или 40 години преговори или реверзибилност и сите тие приказни. И повторно ќе кажам, од целата приказна ќар извлекоа истите оние кои самиот Запад ги чувствува како „лоши момци“, српската политичка елита, затоа што е морален победник.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние неделава кажа дека од земјава се бара да го заврши законот за СЈО, а правосудството и владеењето на правото се поставуваат како главен приоритет. Дали тоа се смета за услов за да почнат преговорите?

– Имам два одговора на ова прашање. Првиот одговор нема врска директно со прашањето, а вториот има. Нашата политичка елита можеше да испорача повеќе, во овие неколку години, затоа што беше во многу привилегирана позиција, во однос на која било политичка елита во изминатите 30 години. Затоа што не дојде на власт на скандинавски избори, туку дојде на власт на бранот на едно граѓанско незадоволство, преточено во конструктивна енергија, спремност за компромиси, спремност за радикални мерки од страна на граѓаните, голема поддршка, голема енергија, која можеа лесно да ја трансформираат во позитивна политичка визија. Јас мислам дека тука власта потфрли. Особено потфрли во делот на неиспорачување на правдата. Во делот на неможност и неумеење или не сакање да се бори против културата на неказнивост. Никој не заврши во затвор. Не велам дека тоа чувство дека нема правда се случи само поради компромисите направени поради потребата Договорот од Преспа да помине низ Парламентот. Затоа што мислам дека граѓаните не беа толку наивни, и беа подготвени дека некакви компромиси ќе се случат.

Но мојот страв е дека власта отиде преку потребата Преспа да помине низ Парламентот, туку некаков стратешки договор за неказнивост меѓу политичките елити се случи во оваа држава. И тоа луѓето го чувствуваат. Колку што го гледаат, толку и го чувствуваат и оттука се уби таа надеж, дека нешто драматично ќе се промени. Шансата се прокоцка и за тоа сме самите виновни. А без надеж нема радикални чекори. Оваа држава има големи проблеми и требаше да има радикални чекори, искреност во намерите и борба против неказнивоста. Луѓето бараат правда, сакаат да почитуваат правда. Европа е симбол за правда. Мислиме дека ни треба Европа затоа што сакаме правда, затоа што сакаме да не може секој моќник да не помине неказнето. Да искраде се и да избега, луѓето чувствуваат дека тука има некаков договор. Дека не е само тоа дека власта не може да ги исконтролира процесите затоа што се уште минатата власт ги влече конците, има и во тоа вистина, но постои чувство дека тоа не се испорача и дека тоа е легитимно чувство.

За вториот дел од прашањето – мислам дека и позицијата на Тимоние не е нешто што ќе ја потресе многу власта и не е поврзано со морков, стап приказната. Со каков легитимитет поставувате такви барања. Јас се согласувам со тоа дека ние треба да тераме реформи, но треба да го познавате и контекстот тука. Тука се терале реформи секогаш со некаква перспектива – направи го ова за да бидеш чекор напред во ЕУ. За жал, или за среќа така функционира. Се надевам дека ние би имале некоја елита што нема да го користи пристапувањето како компензација за недостиг на визија што не треба да биде така. Меѓутоа, за жал, тоа така функционира. Нашите елити, и сегашната, целиот наратив за пристапување, го користат како компензација за недостиг на визија, што сакаат од државата, каква стратегија имаме да се развиваме, кои ни се механизмите, ние немаме општествен договор за тоа за жал. Можеби треба да поработиме на тоа.

Дали и колку земја имаме капацитет да почнеме преговори, технички, со административен капацитет?

– Мислам дека имаме капацитет, но одлив има. Еве побарајте од СЕП пристап до информации од јавен карактер видете колкав бил одливот на луѓе во последните три години. Каков бил одливот на луѓе пред тоа. Значи, државата вложувала во капацитети, трошела свои пари, за жал голем дел од луѓето заминуваат, не гледаат визија, добар третман. Тоа е голема административна вежба што ќе бара секакви капацитети. Имаше доста муабети, невладините ќе помогнеле итн. ’Рбетот е јавната администрација. Невладините имаат свои ограничувања, свој недостаток на вештини, свои предности можат да помогнат во процесот. Не сме подобри или полоши од другите држави, загрижувачки е луѓе што заминуваат, загрижувачки е што со годиини работат таму губат чувство на сопственост врз процесот, а во крајна линија тоа од нив ќе зависи, од нивната работа, тие ги контролираат процесите. Загрижувачки е што се лошо платени. Има многу загрижувачки работи и многу детали за дискусија и би ве повикал да ја отворите оваа тема преку „копање“ на податоци итн.

Како ќе се одрази новиот состав на Европската комисија врз нашиот пат кон ЕУ. Дали со иста динамика како што тоа го правеше Јоханес Хан и новиот комесар за проширување Унгарецот Оливер Вархелиј ќе биден гласен поддржувач на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ?

– Вишеградската група е една од најголемите поддржувачи на проширувањето, вклучувајќи ја Унгарија. Но фактот дека има Унгарец комесар за проширување, на некој начин е „мечкина услуга“, затоа што огромен дел од резервите на Франција кон проширувањето се должи на нивната перцепција дека претходниот бран не ги дал своите резултати. Им пречи Орбан, им пречи тоа како тоа во сред Европа има раст на илиберализам. Им пречи како Полска, еден од најголемите корисници на структурните фондови, таму развојот е неминовен и видлив, и голем дел од тој развој се должи на солидарноста на Европа, а од друга страна Полска не сака да прима мигранти, не сака солидарно да учествува во поделбата на ризиците, на трошоците поврзани со нашата куќа, како што кажа Макрон, и сега оваа истата група држави се најголеми поддржувачи на проширувањето. И онаа проблематична изјава на Макрон, метафората за куќата, дека Европа е куќа, имало двајца станари, дошле уште десет станари, не сакале сите да плаќаат за одржување на куќата, а тие што не сакале да плаќаат сакале да повикаат други другарчиња – тоа е проблематична изјава, меѓутоа тоа ви доловува кое е чувството во Франција, која е втора, или најважна држава во ЕУ. Затоа во таа смисла тоа е „мечкина услуга“ поддршката во даденава ситуација од страна на државите од Вишеградската група. Едноставно ги потврдува тие предрасуди што постојат во Франција и ги потврдува стереотипите, чувствата, мислењата, врз кои што се базира нивната резерва кон проширувањето. Инаку секоја поддршка е добредојдена. Проблематично е исто тоа што тука имаме фокус во нон пејперот и генерално во постојните преговарачки рамки на владеењето на правото, на тоа да имаме функционални правни држави, комесарот за проширување поддржан од влада, која што се тужи со Европската комисија, или е во некаков спор со Европската комисија токму во независноста на судството, регулаторните тела, и сите оние механизми, институции политики што имаат врска со генералната тема на владеење на правото.

Дали очекувате дека ќе добиеме датум на самитот во Загреб?

– Не би се осудил, мислам дека и да ги прашате во Владата, не се осудуваат, затоа што многу лошо работеа на менаџментот на очекувањата. Очекувањата беа дека нема план Б, и видовме дека тие големи очекувања водат до големи разочарувања, нели на избори се отиде за тоа, да се пресретне тоа разочарување. Би било голема штета овие работи да течат полека, ќе се испушти моментот, ќе испаднат победници, како што кажав и претходно, „лошите момци“. А требаат „добри“ момци на Балканот, за работите да се средат.

Како предвремените парламентарни избори ќе се одразат врз евроинтеграциите и на спроведувањето на реформите?

– Мислам дека треба да има добри избори, како што беа претседателските, без големи драми, инциденти, и тоа би било добро и за нас и за имиџот на државата. Повторно ми е како клише прашањето – чекај да ја видиме таа нова методологија, да видиме што е стратешката идеја, дали сакаат или не сакаат. Немаат морков во моментов, и мислам дека така се чувствува и нашата Влада. Дека свесни се дека што и да направат дека тоа нема да има влијание на генералната слика, разговарајте со политичари мислам дека ќе го добиете тоа чувство.

Голем е влогот, кампањата е за контрола на некоја група интереси врз четири милијарди евра буџет. Влогот е голем, така што кампањата ќе потрае, ќе биде веројатно валкана, и мислам дека ќе се прекршува целата кампања и исходот на изборите од тоа дали луѓето се плашат повеќе од ВМРО или повеќе се разочарани од власта. И ќе се промовира некаква политика на страв од власта, додека од ВМРО ќе имате класични приказни за тоа кој колку крадел, помалку или повеќе итн. Така некако ќе се прекршува целата кампања, што нема да води кон поголема излезност, негативните кампањи генерално земено намалуваат излезност. Мислам дека ќе има помала излезност од претходните парламентарни избори и од таа излезност ќе зависи кој ќе извади повеќе гласови. Апстиненција ќе има, разочарување има, итн. Меѓутоа ќе видиме дали политиката на страв промовирана од власта, страв од ВМРО, страв од тоа што се случуваше, колку е долго сеќавањето на луѓето, од тоа најмногу ќе зависи исходот на изборите.

Од регионалните искуства што ги знаете, кои поглавја се покажаа најтешки за преговарање?

– Најтешко и најскапо мислам дека е Поглавјето животна средина. Дефинитивно најскапо затоа што тука има сериозна работа. Да ги достигнеме европските стандарди во однос на заштитата на животната средина, а гледаме дека и во наредните седум години и во самата финансиска рамка на ЕУ и во политиките на ЕУ фокусот ќе биде токму на климатските промени, животната средина. Знаејќи како ние стоиме, односно како не стоиме добро во однос на тие прашања тоа е и видливо, треба да излезете на улица и да видите ќе сфатите дека од воздух до управување на сметот итн. Мислам дека тука ќе биде најтешко, најскапо, и тука имаме најмалку капацитет да се справиме. Мислам дека треба самите треба да почнеме да работиме на тоа, затоа што сме обврзани и со целите за одржлив развој, кои се интегрирани во европската политика за заштита на животната средина. Тука немаме изговор, мораме сами да си го исчистиме ѓубрето.


Администратор
30/11/2019 12:42