Денот на ослободувањето на Тетово во Втората светска војна – 19 ноември 1944 година денеска беше одбележан со традиционално положување цвеќе пред Споменикот на револуцијата во градот. Почит кон загинатите и учесниците во Народонослободителната војна беше оддадена и со едно минутно молчење.

-Годинава одбележуваме 75 години од ослободувањето. Во Втората светска војна 546 животи се дадени од градот и околината за да бидат ослободени од тројната фашистичка окупација. Со ослободувањето на Тетово бил ослободен секој град, а со тоа и цела Македонија, истакна во пригодниот говор Јоцко Димитриевски, претседател на општинската организација на Сојузот на борци од Тетово.

Цвеќе пред споменикот положија делегации и претставници на Општина Тетово, Тетовскиот сојуз на борци, АРМ, СВР Тетово, Сојуз на борци од Гостивар, Сојуз на борци од Штрпце, СДСМ Тетово и ВМРО ДПМНЕ Тетово, НУ Музеј на тетовски крај, Резервни воени старешини, Сојуз на воени инвалиди Тетово, Здружение на пензионери Тетово, Српска заедница во Македонија, регионален одбор Тетово, Македонско-хрватско пријателство и ученици од ОУ „Андреа Савески Ќиќиш“.

Во пресрет на празникот вчера во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ се одржа пригодна свеченост со уметнички перформанс насловена „75 години Слободно Тетово“.а


Администратор
19/11/2019 13:06