Охрид и околината

Многумина што не го виделе тој историски град туку само слушале или читале за него, не знаат ништо поточно за неговата сегашна состојба во многу погледи. Јас доста се интересирав да го видам тој град како што си замислував тој е нешпто особено за нашата татковина и ете сега ми се даде случај да го направам тоа.

Во месец август оваа година требаше да одам во градот Елбасан (Албанија), а патот врви преку граовите Ресен, Охрид и Струга. Со неколку патници ги јавнавме кираџиските коњи и тргнавме по патот за Ресен. Времето беше убаво и јасно. Така беше по целиот пат и јас бев восхитен од таа прекрасна слика, дури заборавив дека се наоѓам во една турска област, каде што нема ниту една педа место спокојно и слободно и ништо не ме обеспокојуваше, кога напротив пак на моите сопатници кои скоро сите беа охриѓани и низ тие места минувале неколку пати, лицата им беа бледи и ништо не ги веселеше од страв да не ги снајде некоја несреќа по патот. Тие беа во право зашто ги знаеја лошотиите на Турците подобро од мене, кој сум живеел само во Битола, каде што секогаш има претставници од сите европски држави и каде што се живее послободно отколку на други места во Македонија. Тоа си е така кој не е изгорен не се плаши од оган.

До пладне минавме околу 15 километри и во една ливада на самите поли на планината близу до еден ан застанавме, јадевме и по еден мал одмор го продолживме патот. Навечер стигнавме во градот Ресен, каде што ноќевавме во еден ан, а утредента уште во зори го напуштивме тој град и по Буковскиот пат тргнавме кон Охрид. Сонцете веќе се префрлаше кога ја минувавме последната долина и не по многу, на околу 10 километрти далечина се покажа пред нас тој град со широкото езеро и убавата рамнина заобиколени отсекаде со високи и убави планини.

Градот Охрид е издигнат на еден рид заобиколен од југозападната страна со езерото кое зафаќа едно пространство од околу 30 километри во пречник, а од североисточната страна со една рамнина од околу 8 километри, покриена со убави градини, лозја, ниви, ливади, а околу тоа на прв поглед се високкиите планини Петрина, Исток, Галичица, Лина, Беласица, Вишоо и уште неколку други накичени со густи гори. Меѓу нив се гладаат манастирите „Св. Илија“, „Св. Петка“, „Св. Стефан“ или „Панзир“, „Заум“, „Св, Наум“, „Св. Богородица“ или „Калишча“, „Св. Размо“ и „Св. Спас“ селата: Лескоец, Велгошти, Рамне, Велестово, Гроца, Шипокно, Којнско, Елшани, Пешчани, Трпејца, Љубаништа, Пискпие, Рушемишта, Загоричани,Старово, гр. Поградец, Мумулишча, Одуништа, Пискупати, Лин, Радожда, Радолишта Вишни, Октици, Заграчени, Вевчани, Калишко село, гр. Струга – низ средината на кој тече реката Црн Дрим, Подгорци, Лабуништа, Велешта, Д. Белица, Вранишча, Мишлешоо, Л’жани, Моруништа, Г’бовци, Орман, Долно Лакочереј, Свиуништа, Долни Косел и Горни Косел. Косел тука го викаат ќуќурот и скоро целата околина на послените две села мириса на ќуќур и од тоа и селото така се вика. Близу до Горни Косел има доста минерални води и една дупка во вид на угаснат вулкан со обем од околу 10 см. пречник, која тука ја викаат дувло. зашто непрекинато дува (испушта) еден сув воздух од различни гасови. На тоа место идат многу болни од околните села, се мијат и го прескокнуваат дувлото за здравје.

Во тој град престојував цели три дена со цел да се запознаам со животот на неговите жители кое ми е поважно. Особено Македонците кои го составуваат мнозинството на градот ги надов во голема економска беда. Тоа ме побуди да го земам скормното перо и се да опишам, кое верувам ќе ги натера Македонците што живеат во разни туѓи земји дури и слободните Бугари посериозно да помислат за своите несреќни браќа во Македонија.

Градот Охрид брои околу 20 000 жители, од кои 13000 Македонци, 5000-6000 Турци, 500-600 Власи со Арнаути, 400-500 Цигани, а Грци се: А. Точко, С. Митлија, Г. Манче и Стојче Алафранга од Трпејца. Околината му се состои од 110 села и градот Струга од кои само 5-6 се албано-мохамедански, а во Струга живеат околу 4-5000 Македонци и околу 2000 Турци.

Во градот има едно добро уредено четирикласно училиште, четири основни машки училишта и две женски. Класното училиште според раскажувањето на самите граѓани во последните години неколку пати било отворано и затворано поради немање средства поради што многу млади луѓе не можеле да добијат ниту четирикласно образование. Уште има едно грчко училиште само со еден учител кои го издржуваат грчките чорбаџии и едно влашко со двајца учители и една учителка во влашко село (така се вика најкрајното маало на источна страна од градот, каде што живеат Власите) поддржано од Романија. Навистина во тој случај Романците се покажуваат вистински патроти и братољупци и заслужуваат пофалба.

(…) 1888 г. Битолчанец.

Објавено во весникот „Македонија“ од 21 октомври 1888 г.

(Подготви Марко Китевски)


Администратор
15/11/2019 01:19