На средбата со францускиот претседател Емануел Макрон завчера во Париз, не добив сигнал дека сигурно ќе почнат преговорите со ЕУ, не добив гаранција дека ќе добиеме позитивна одлука на пролет. Добив еден вид гаранција дека методологијата ја прават и ќе биде брзо готова и најави дека крајниот рок, според него, треба да биде максимум март за да биде усвоена.

Ова го изјави претседателот на државата Стево Пендаровски вечерва во интервју за Топ Тема на телевизија Телма и изрази надеж дека на Самитот во Загреб во мај ќе добиеме позитивна одлука за почеток на пристапните преговори со ЕУ, но не ја исклучи можноста одлуката да биде донесена и порано.

Пендаровски информира за генералниот негов впечаток од 20-минутната средба со претседателот Макрон е дека тој е нестандарден политичар, директен, доста интелигентен и не употребува заморни дипломатски фрази. На почетокот на разговорот, рече Пендаровски, Макрон му укажал дека сака да разговараат само за ЕУ проширувањето. На крајот на разговорот, еден од петте највлијателни лица во светот во моментот, истакна Пендаровски, му кажал на што може да се обврзе, а на што не.

– Се обврза во делот на методологијата, во делот на политичката одлука која ќе следи по методологијата и се обврза да дојде во нашата земја и да им објасни на граѓаните која е неговата позиција бидејќи во меѓувреме по 18 октомври и Советот на ЕУ имаше многу негативни извештаи за Франција и неговите видувања за проширувањето, рече претседателот Пендаровски.

Додаде дека францускиот претседател Макрон му рекол оти нема намера да ни понуди алтернативно членство или алтернатива на членството. Имам намера, рекол Макрон, да го подобрам процесот за да не биде само формално и бирократски да влезете во ЕУ и на крајот, подвлече Пендаровски, да добиеме негативни тенденции во виталните области.

– Добивме гаранции дека политичка одлука нема да има подоцна од мај, од Самитот на ЕУ во Загреб, закажан за 6 мај. Добивме гаранција дека доаѓа во првите шест месеци од 2020 година, изјави Пендаровски.

Според претседателот Пендаровски, методологијата за проширувањето на ЕУ во овој момент циркулира како нон пејпер и засега го имаат видено само неколку земји – членки на ЕУ.

– Ако позитивна одлука за отворање на преговорите не биде донесена и во март, ако не биде и порано донесена, и се чека мај, логично е дека ќе сакаат да видат како ќе ги организираме предвремените парламентарни избори. Тоа е моја проценка, рече меѓу другото Пендаровски.

На прашањето за тоа дека францускиот амбасадор Тимоние веднаш по донесената одлука кажа оти се должи на недостиг на потребните реформи, посочувајќи го пред се судството, шефот на државата Пендаровски истакна дека не можр тоа да го објасни, туку може само да каже што било разговорот со претседателот Макрон. Информира дека има редовни средби со амбасадорот Тимоние и ги следи неговите јавни настапи.

– Ви кажувам што се случуваше на средбата кај претседателот Макрон, дека тоа воопшто не беше споменато. Постои една фраза која Макрон ја кажува и по 18 октомври во Брисел на првата прес-конференција и која мене ми ја повтори со исти зборови. Вели овој пат нам ни треба повеќе време, не вам, рече Пнедаровски и се осврна на интервјуто на Макрон за „Економист“ во кое, како што рече, прецизно пишува што било проблемот, односно дека Република Македонија е мала држава, не е закана за никого, многу направи, вклучително и промена на името и оти најголемиот дел од земјите – членки беа за почнување на преговори. Но, подвлече Пендаровски, неговиот став бил принципиелен и за оние што преговараат и за оние што чекаат да преговараат и затоа методологијата мора да биде изменета.

Според Пендаровски, можно е промената на методологијата дури да ги засегне и базичните договори со кои е направена ЕУ и согласно кои функционира.


Администратор
15/11/2019 00:57