Холандскиот пилот Макс Верстапен стана едно од најпопуларните имиња во Формула 1 во последните години. Верстапен го направи своето деби во Ф1 на 17-годишна возраст и во моментов има 7 победи, од кои 2 дојдоа оваа година на трките во Австрија и Германија. И додека Холанѓанецот е прогласуван за еден од најбрзите конкуренти во трката, тој често е критикуван за неговата експлозивна природа.

Сепак, двократниот шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо смета дека токму тоа го прави Верстапен попривлечен за гледање и смета дека неговата способност да ги стигнува и надминува другите тркачи, го прават најдобриот возач во шампионатот во моментов.

– Во Формула 1, многу е тешко да се избере најдобриот, бидејќи многу работи се менуваат од година во година и има многу разлики од автомобил во автомобил. Постојат пилоти кои се многу брзи во индивидуалните кругови, а има и некои што можат да стартуваат добро. Некои се едноставно постојани, а други се поагресивни. Во моментов можам да кажам дека најдобриот е Макс Верстапен. Тој е пилотот што го следам. Оваа година ги гледам неговите трки на ТВ и би сакал да го гледам, бидејќи тој е секогаш во напаѓачки режим. Кога е трет и го стигнува тој што е на второто место, знаете дека во одреден момент ќе го надмине и ќе направи нешто возбудливо за навивачите, рече Алонсо.

Макс Верстапен е четврти во пласманот во Ф1 со 235 бода.


Администратор
14/11/2019 20:47