Легендарниот напаѓач на Арсенал, Тиери Анри го презеде канадски Монтреал Импакт, официјално објавија од клубот кој се натпреварува во МЛС лигата. Договорот на Французинот е за 2 + 1 година.

Ова е втор клупски тим во тренерската кариера на Анри. Од 2016 до 2018 година беше асистент во репрезентацијата на Белгија, по што минатата сезона го презеде матичниот Монако, каде престојуваше помалку од четири месеци.

Поранешниот топ стрелец има искуство во МЛС, каде четири години играше во дресот на Њујорк Ред Булс. Во изминатата кампања, Монтреал Импакт остана на 9-то место од 12-те екипи во Источната конференција и не успеа да се квалификува за плеј-офот во лигата.

– Чест е да се биде ментор на Монтреал Импакт и да се вратам во МЛС. Ова е шампионат што добро го познавам. Да се ​​биде во Квебек, каде има огромно мултикултурно наследство, е исклучително. Отсекогаш сум го следел клубот и сега тука сум, рече Анри.


Администратор
14/11/2019 20:26