„Културната дипломатија на СФРЈ и културните дипломатии на државите-наследнички” е насловот на книгата од Васко Шутаров, која е резултат на подолго научно истражување и воедно докторски труд на авторот.

Книгата, која ќе биде претставена вечер од 19.30 часот во „Јавна соба“, во најголем дел содржи истражувања поврзани со културолошките маркери на зближување и разидување на културите на југословенските републики и покраини, како и актуелните состојби на културолошки план помеѓу новосоздадените држави. Авторот нагласува дека книгата не претендира на една и единствена вистина за причините за распадот на Југославија, но пледира на исклучително важното влијание што културата го имаше во тие процеси.

– Културната дипломатија може ненаметливо да постигне резултати во стекнувањето препознатливост, доверба, наклонетост или партнерски и пријателски релации, вели во интервју за МИА Васко Шутаров, кој е доктор по политички науки, поранешен пратеник и дипломат со повеќегодишно искуство во креирањето и практикувањето културни политики и културна дипломатија на државата. Лично и професионално, вели, е убеден дека преку истражувања во културата може да се осознаат најзначајните политички и економско-социјални процеси, како и влијанието на културата врз нив.

Што е културна дипломатија, што може да направи таа, а не може традиционалната, класичната дипломатија?

Културната дипломатија е „мека сила” во политиката – или како преку средствата и инструментите на културата, промоцијата и размената на културни вредности, да се добие додадена вредност во „освојувањата на срцата и умовите на народите во светот” и да се стекне посакувана перцепција за својата држава, систем од вредности, култура и стил на живеење.

Културната дипломатија може ненаметливо, да постигне резултати во стекнувањето препознатливост, доверба, наклонетост или партнерски и пријателски релации, што не секогаш може да се постигне само со политички, економски или воени средства во водењето на надворешната политика.

Културната дипломатија во поранешна Југославија се смета за успешна европска приказна. Може ли да издвоите пример на крупна улога што одиграла културата на меѓународен план во некогашната заедничка држава?

Во книгата им предочувам на читателите еден непознат пример за пошироката јавност, но исклучително илустративен за делувањето на југословенската културна дипломатија. Во години на изолираност од тогашниот Источен блок предводен од СССР и во години на изразена скепса на Западот кон демократските капацитети на тогашна СФРЈ, Јосип Броз Тито и тогашното југословенско раководство му доверуваат, а набргу и прифаќаат иницијатива на Мирослав Крлежа за организирање изложба со наслов „Југословенска уметност” во „Гран Пале“ во Париз во 1953 година. Првпат во тогаш најголемата европска културна престолнина се претставени заедно колекција од најдобри српски средновековни фрески, колекција од хрватската романтична скулптура и репрезентативни примероци од босанските стеќци.

Комунистичка Југославија му се претставува на светот со своја сакрална уметност, ја културализира, а себе се позиционира на културната мапа на светот. Во тој геополитички моментум – пресек на сите поважни геополитички процеси и случувања, било исклучително важно, но пред сè нужно, Тито да успее да ги убеди партнерите од Западна Европа, пред сè претседателите на западните држави, дека тој лично и државата што ја води е нешто сосема друго од останатиот комунистички свет, толку неопходно убедување посебно за градење клима на доверба во процесите на давање помош и кредитирање на кревкиот економски систем на тогашна Југославија.

Оваа изложба, ингениозно конципирана и маестрално реализирана, успева на некој начин да ја промени претставата за Југославија како едно од комунистичките зла во светот, да ја прикаже и пред западните парламенти и влади, но, пред сè, пред западната публика во едно ново светло, кое Југославија и го посакува и успева да го искористи и за свои, првенствено, политичко-економски и воени цели. Со оваа изложба е постигнат токму таков успех кон каков се тежнеело и кој тешко би бил постигнат со директни, билатерални или мултилатерални политички контакти.

Кои држави денес, според Вас, имаат најмоќни културни дипломатии?

Денес најмоќните светски држави се и примери на најдобра и најуспешна културно-дипломатска пракса: американската, германската, француската, британската, кинеската и руската културна дипломатија.

Во поблискиов регион турската културна дипломатија. И турските серии на малите екрани се дел од една стратешки добро осмислена културна дипломатија.

А што е со нашата држава – колку сме успешни во културната дипломатија?

Лично јас во културата гледам најсигурен и најмоќен инструмент во стекнувањето симпатии и наклонетост кај странските публики, но, пред сè, публиките во светските и европските центри на моќ, каде што се креираат сите актуелно важни глобални процеси. Нашата држава има свои културни и спортски проблесоци, кои потенцијално можат да бидат артикулирани во подобро позиционирање на државата на европската и светска културна мапа.

Потребна ни е стратешки добро осмислена културна дипломатија која посебно во европските центри на моќ, континуирано ќе ги промовира вредностите на нашето бесценето културно наследство и естетиката на современото културно творештво. Ние мораме, а го можеме тоа, публиките во Париз, Берлин, Рим или Москва, да ги освојуваме со она што е највредно и најмоќно во нашата легитимација во светот – убеден сум дека е тоа нашата култура.


Администратор
13/11/2019 09:48