Директорот на Агенцијата за спорт и млади Дарко Каевски во придружба на својот домаќин, градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, изврши увид на реконструктивните активности врз спортската сала „Зоран Стојановски" во Ресен.

Спортската сала во Ресен наскоро ќе добие нов лик и ќе ги подигне спортските стандарди во градот, посочи Каевски за време на денешната посета во Ресен.

-Во спортската сала се одиграле важни натпревари, гостувале светски и европски екипи. Веруваме дека со завршувањето на реконструкцијата повторно ќе има важни меѓународни натпревари, а граѓаните ќе уживаат во ова спортско здание. Според планот реконструкцијата ќе се изведува четири месеци и дотогаш ќе бидат реконструирани покривот, подот, соблекувалните и се што е потребно за објектот да блесне со вистински сјај. Со овој владин проект позивитно влијаеме врз младите, се бориме против пороците и создаваме услови за да спортуваат, рече Каевски.

Според градоначалникот Гошаревски, реконструкцијата на спортската сала е во рамки на општинската програма и се реализира на барање на граѓаните и спортистите.

-Повеќе од 25 години овој спортски објект не бил реновиран и беше во катастрофална состојба. Изработивме проект и реконструкцијата е во полн ек. Младите во Ресен, како спортски град, нема да чекаат долго за да спортуваат и да продолжат да ги негуваат ракометот, фудбалот и другите за нив сакани спортски дисциплини, посочи Гошаревски.

За реконструкција на спортската сала „Зоран Стојановски" во Ресен Агенцијата за спорт и млади додели осум милиони денари, а изведувач на проектот е МЗТ Инжинеринг ДОО Битола.


Администратор
08/11/2019 18:27