Прилеп се справува со октомвриските кризи со водоснабдувањето од системот „Студенчица“, поттикнати од долгомесениот сушен период, незапаметен повеќе од половина век.

Според Емил Јанески, директор на прилепски „Водовод и канализација“, при вакви неповолни хидрометеоролошки услови, познато е дека Прилеп има проблеми со водоснабдувањето. Дарежливоста на изворот „Студенчица“ од кој се снабдуваат со вода седум општини, крајно и Прилеп, надоместува само една третина од потребите на градот. Впрегнати се изворите и бунарите.

-Во овој момент, дарежливоста на изворот „Студенчица“, кој е основон водоснабдител на Прилеп, е 510 литри вода во секунда за сите потрошувачи, што значи дека дарежливоста на изворот е исклучително мала. Преку викенд, Прилеп има потреба од 400 литри вода во секунда. Од Студенчица дотокот варира, од 70 до 130 литри вода во секунда. Останатите потребни количества вода се обезбедуваат преку бунарите и градските извори. Во овој момент ни се во функција 14-15 бунари. Главно, проблем со водоснабдувањето нема во ниската зона. Проблемот е во Високата зона која ги опфаќа прилепските населби Варош, дел Точила, Тризла и населбата Рид.Минатата недела имавме сериозни проблеми со количествата вода кои ги доставуваме до граѓаните, вели Јанески.

Поради намалениот притисок, цевбководот се полни со воздух има бројни дефекти и екипите се постојано на теренот. Има бројни дефекти.

– Екипите на „Водовод и канализација“ се справуваат со дефектите. Вода од Студенчица може да акумулираме во коморите со капацитет од 8 070 метри кубни вода, имаме три бунарски постројки преку кои може да акумулираме вода, како и од старите градски извори кои се околу Прилепското езеро. За првпат успеавме до граѓаните да доставиме вода за пиење од бунарите, преку водоводната линија во населбата Точила до стариот резервоар до пречистителната станица. Пуштена е во употреба препумпната станица, објаснува Јанески.

„Водовод и канализација“ смета дека успеа да се справи со ваква кризна хидрометеоролошка состојба, зашто со месеци нема дожд што не се случило со децении. Водата за пиење е хемиски и батериолошки исправна што постојано се контролира. Не се планираат редукции.

-Од седумте општини што се водоснабдуваат од системот „Студенчица“, единстевно Прилеп има дополнителна можност за водоснабдување од градските извори и бунари. Тоа многу значи, зашто е последен во системот за водоснабдување, вели Јанески со очекување хидрометеоролошките услови да бидат поповолни и да стигнат дождовите што ќе ја амортизираат напнатата ситуација со водоснабдувањето на Прилеп.


Администратор
20/10/2019 13:10