Проектот „Понатамошно јакнење на капацитетите за истраги на место на настан’“ што изминативе две години се имплементираше во Министерството за внатрешни работи, со партнери од форензичките полициски служби на Литванија и Летонија, финансиран во рамки на ИПА програмата, имаше генерална цел да придонесе за унапредување на службите за криминалистичка техника на регионално и на локално ниво, односно за осовременување и стандардизирање на активностите кои се спроведуваат при увиди на место на настан, при обезбедување траги и доказен материјал од местото на настан, нивно соодветно подигање, пакување и достава за анализа и вештачење.

Ова го истакна заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу по повод завршувањето на твиниг проектот што во рамки на ИПА Програмата се реализираше за потребите на Одделот за криминалистичко – техничко испитување и вештачење при МВР со техничка поддршка на полициските служби на Литванија и Летонија.

Заменик министерот Нухиу, како што соопшти МВР, потенцирал дека полицискиот увид, како истражно дејствије, има клучна улога во постапката за расветлување на било кој кривично-правен настан поради што, криминалистичко – техничкиот работник треба да поседува висок степен на стручност во однос на криминалистичко – техничката обработка на местото на настанот.

-Во рамки на проектот, меѓу другото, изработени се Прирачник за постапување со материјални траги од местото на настан, единаесет стандардни оперативни процедури поврзани со обезбедување на конкретни типови траги и една стандардна оперативна процедура за постапување на полицискиот службеник кој прв пристигнува и го обезбедува местото на настанот, што беа презентирани на 175 криминалистичко – технички работници кои ја поминаа обуката во Центарот за обука во Идризово, нагласи заменик министерот Нухиу.

Инаку, твининг проектот, за чија што реализација беа обезбедени еден милион евра, се имплементираше во текот на 21 месец, а примарна цел беше натамошно јакнење на капацитетите за истраги на место на настан, преку воспоставување нова организациона структура, потоа воспоставување квалитетен систем за вршење истраги на место на настан, воведување нови методи и стандарди за прибавување и транспортирање на докази од местото на настанот, како и создавање предуслови за акредитација на Службите за криминалистичко – технички истраги на место на настан, на регионално и на локално ниво, во согласност со стандардот ISO 17020:2012.