Премиерот Зоран Заев останува оптимист и верува дека земјава ќе добие датум за почеток на преговори. Според неговите проценки, ќе биде оставено лидерите на ЕУ да пресечат за одлуката за преговори, а не нивните министри. Тој најави дека каква и да биде одлуката предвремени избори нема да има.

– Францускиот претседател (Емануел) Макрон пред своите колеги ќе сака да ја објасни новата методологија. Се работи не за нас земјите кандидати кои чекаат одлука за почеток на преговори, туку за реформа во ЕУ, што е поврзана со нас земјите кои сакаме да бидеме членки. Верувам дека одлуката ќе ја донесе Европскиот совет, каде што се лидерите на земјите членки, рече премиерот Заев, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во врска со покажувањето на минималната плата.

Тој останува оптимист и вели дека за нас е многу значајно да имаме чиста одлука за почеток на преговорите.

– Имаме разбирање за новата методологија на преговорите која на државите ќе им даде фер шанси со добри перформански да ги забрзаат преговарачките процеси, а оние кои нема да имаат успешни перформански или ќе ги уназадуваат да ги враќаат назад. Но, не постои земја во последните 20 години која чекала и добила ваква одлука за почеток на преговори, а да направила повеќе од нас. Направивме повеќе во реформите, на меѓународен и на билатерален план. Од секој можен аспект навистина сме пример и за Европа и за светот. Верувам дека ЕУ преку Европскиот совет деновиве ќе ја исполни својата должност, рече премиерорт Заев.

Тој најави дека на 17 октомври, на првиот ден на Европскиот совет, ќе оди во Брисел каде ќе ја искористи можноста да поразговара со лидерите на земјите членки на ЕУ пред одлуката да биде донесена.

– Внимателно го следиме дискурсот и дебата во ЕУ. Тоа е корисно за нас и не е добро само за земјите членки на ЕУ. Како земја кандидат која ќе почне преговори, очекуваме секоја нова реформа во ЕУ да носи директен бенефит и овде, рече Заев, додавајќи дека очекува и од ЕУ да го почитува успехот што го има направено земјата.

Запрашан дали ако не добиеме датум за почеток на преговори ќе има предвремени избори Заев истакна дека „не смее да се загрози предвидливоста со избори пред редовниот термин“.

– Верувам до небото дека ќе добиеме датум. Ако не добиеме предвидливоста не смее да ја загрозиме. Ние сме земја во која алтернатива за ЕУ и НАТО нема. Нема фактори во државата кои нудат алтернатива. Остануваме на единствената алтернатива која постои, а тоа е интеграцијата во евроатланските институции. Политичарите се минливи и менливи, а предвидливоста на стопанството треба да се остави конечно до крај на мандат, рече Заев .

Според него, какви и да се одлуките, нема причини за вонредни избори.

– Но, јас сум само еден од многуте чинители, има и други политичари, тука се политичките партии, власта и опозицијата. Важни се и стопанството и синдикатот при донесувањето вакви одлуки, рече Заев.