-„Денес Македонија го празнува 11 Октомври, денот на националната и антифашистичката борба за национално ослободување на македонскиот народ и создавање на сопствена држава како продолжение на светлите илинденски идеали и традиции. За жал, марионетската власт во Скопје во спрега со своите странски газди привремено не одалечува од нашиот национален идеал да бидеме свои на своето со бришење на името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.
Република Македонја преживува најтешки моменти од кога било до сега. Ветувам дека Единствена Македонија која ги полага своите корени во историското ВМРО и светлите партизански традиции, никогаш нема да ја предаде крвта на илјадници македонски партизани кои ја пролеаа во борбата против бугарскиот фашистички окупатор кој во рамките на глобалниот германски фашизам ја окупира територијата на Македонија.
Единствена Македонија ќе биде секогаш на страната на македонскиот народ, никогаш нема да ја заборави жртвата на македонските партизани во Втората светска војна и со прецизна стратегија и со силен мотив нема да дозволиме никој да ја доведе во прашање македонската држава и македонскиот народ.
Тоа нема да биде чекорење по едноставен пат, но, мора да издржиме оти 11-ти Октомври е ден кој не задолжува да ги победиме непријателите на македонското дело. Нашата борба е исправна оти ова е битка за Македонците, битка за Македонија, борба за опстанок на цел еден народ, нашата борба е света должност и затоа Македонија мора да победи.
Нека е честит и вековит 11-ти Октомври! Нека е вечна славата на борците против бугарскиот фашистички окупатор за слободна и независна државност. Да ни е вечна Република Македонија!“, се наведува во честитката од претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев по повод државниот празник 11-ти Октомври.
Со почит, Центар за комуникации на Единствена Македонија