Да се вратиме на културните настани за „Бела ноќ“. Се заборава дека „Белата ноќ“ е генерално измислен настан каде што граѓаните ќе можат да посетат одредени културни институции и манифестации што немаат можност да ги посетат во некој друг период од годината. Голем дел настани се и бесплатни за публиката, така што треба да се знае дека целта на „Белата ноќ“ е да биде културна, за да имате шанса да посетите и да видите некои работи што обично не би можеле да ги видите, порача во интервју за МИА директорот на ЈУ Универзална сала, Филип Аврамчев.

Петнаесеттото издание на „Бела ноќ“ ќе се одржи утре на 15 локации, со голем број културни содржини, како концерти, кино, театарски претстави, 3Д-видеомапинг.

Аврамчев смета дека на Скопје му е потребна Универзалната сала, како сала од „среден“ вид, бидејќи многу настани се откажуваат токму поради потребата од таква сала.

Универзалната сала што е симбол на солидарноста и чија изградба започна непосредно по катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, од 2015 година е затворена.

Каква порака ќе испратите за ова јубилејно 15. издание на „Бела ноќ“?

Генералната порака што би сакал да ја испратиме е малку да се вратиме на културните збиднувања за „Бела ноќ“, малку повеќе акцент да се стави на нив, а малку помалку да удриме на настаните што се случуваат по кафулињата, и таа некоја какофонија што се случува во градот каде што секој си прави некоја сопствена забава, секој си прави нешто свое, а се заборава дека „Белата ноќ“ е генерално измислен настан каде што граѓаните ќе можат да посетат одредени културни институции и манифестации што немаат можност да ги посетат во некој друг период од годината. Голем дел настани се и бесплатни за публиката, така што треба да се знае дека целта на „Белата ноќ“ е да биде културна, за да имате шанса да посетите и да видите некои работи што обично не би можеле да ги видите, и гледајте тој дел да го направите, а не да отидете во кафуле и да слушате секојдневна музика што се слуша по свадби, родендени или прослави, малку повеќе да се едуцираме и повеќе да прифатиме нешто што го немаме секојдневно.

Како секоја година, и годинава сме во исчекување на богата програма. Што ќе понуди оваа „Бела ноќ“?

Главно оваа „Бела ноќ“ е конципирана да има понуда за сите по нешто. Ќе почнам од Универзалната сала, бидејќи Универзалната сала не работи. Пред Универзалната сала правиме еден настан што го крстивме „50 години Скопски“, тоа е како некој јубилеј, 50 години од „Скопски фестивал“, каде што сакаме да ја доловиме приказната што беше „Скопски фестивал“. Потоа катната гаража „26 Јули“, во рамките на „Бела ноќ“ ни гостуваат победниците од „Скопје лајт арт дистрикт фестивалот“ што се одржа во мај, тоа се двајца Французи кои ќе дојдат и ќе направат нови дела специјално наменети за катната гаража, која има доста интересна фасада за играње и визуелна уметност. Тоа е попрогресивен настан, ние со фестивалот на светлината почнавме таа некоја светлосна уметност малку да ја актуализираме. Во МКЦ, во рамките на ПМГ рекордингс, ќе дојде група од Лондон, се вика Параноид Лондон, таму ќе има еден настан, целото МКЦ ќе биде на три бини, а во галеријата во МКЦ ќе има изложба. Во МНТ правиме една интересна претстава копродукциски со МНТ во режија на Поплавска. Таа е една култна претстава „Круг“ во која глумат еден италијански актер Јакопо Гарфањоли и Дејана Поповска, која живее во Париз. Претставата ќе биде со почеток во 22 часот, бидејќи е 18 плус претстава и ќе биде одиграна на англиски јазик. Во рамките на фестивалот ќе има кино на покривот на ГТЦ, ќе има киномаратон во киното „Милениум“, МОБ слави 70 години постоење со „Кармен“ и со „Валпургиска ноќ“. Театар Комедија ќе има своја претстава „Вардарски пастуви“. Во Безистен и во Музејот на ВМРО ќе има изложба, во паркот „Ибни Пајко“ ќе има отворена сцена. Гледавме да покриеме што повеќе локации, да дадеме содржина од повеќе аспекти од уметноста, за различни целни групи и категории.

На какви проекти моментално работи Универзална?

Освен „Бела ноќ“, „Скопје лајт арт дистрикт“ што јас лично и Универзална го зема како сериозен проект. Веќе комуницираме и со артисти што би правеле в година. „Скопје анплагд“ е исто еден фестивал што првпат годинава го направивме на покривот на „Сити мол“ и в година ќе гледаме покрај артистите и кои локации ќе ги одбереме. Тоа е интересно што за сите фестивали почнуваме прво со локациите, каде ќе се случи и колку е возможно да се случи. Покрај „Бела ноќ“ и „Скопје лајт арт дистрикт“ каде што правиме сè на отворено на многу места во Скопје, многу често сакаме одредени локации за кои ќе ни кажат дека таму нема струја или не може комбе да се донесе. Многу често тоа не може, на крај излегува дека има шанса, ќе најдеме некое решение, но понекогаш навистина не може, колку и да е добра локацијата, тешко е изводливо. Една од локациите што ми е омилена и каде што сакам „Скопје анплагд“ да се случи е кај скопскиот акведукт, но е многу комплицирана како локација.

Универзална сала ќе се руши или ќе се реконструира?

За Универзална сала има три официјални проекти од кои два се за реконструкција и за доградба, а еден е за нова, фамозното „јајце“ од „Скопје 2014“ што е проект на Министерството за култура и е откажан како премногу скап. Од Министерството за култура во неформален муабет дознав дека тоа е премногу скап проект и поради тоа се откажале, но доколку имаат пари, би го правеле на некоја друга локација. Другите два се реконструкција и доградба. Со некои од архитектите со кои зборувавме, кои работат со Градот и кои разговараат на темата, сфатено е дека поголем е трошокот за реконструкција, отколку ако би се изградила нова сала, каде што би можело да се игра со површината, или што би можело да се промени во Универзална, дали да има повеќе сали, да се спојуваат во една. Може да биде многу пофункционална, отколку ако се реконструира. Ќе мора да се задржи постојниот облик и би требало, ако се доградува веќе, да се догради некоја мала сала напред итн. Сè уште постои дилемата кај Градот.

Оваа работа е на Градот што треба да се обезбеди средства од Министерството за култура заедно со Градот да се направи Универзална. Јас како директор сум малтене немоќен за што било да направам освен со одредени настани да апелираме што побрзо да се најде решение, дали е тоа реконструкција, дали е нова, дали е само мало реновирање на салата. Мора да се најде што побрзо некое решение, бидејќи на Скопје му фали салата, не зборуваме за Универзална, туку на Скопје генерално му фали сала и му фалат културни објекти, бидејќи многу културни настани не се случуваат, што ретко некој знае за тоа дека некои настани не се случуваат бидејќи нема каде да се случат. Бидејќи за одредени продукции да биде исплатливо, не може да одат во „Борис Трајковски“ бидејќи е да кажеме многу скапо, или не може да одат во МОБ или во Филхармонија бидејќи нема доволно седишта и буквално има потреба од сала од среден вид, како Универзална, меѓу 1.500 и 2.000 луѓе, за да има рентабилност. Многу настани не се случуваат поради немањето сала.

Кој ја финансира изградбата на Универзална?

Универзална сала како објект и културна институција е под рамките на Град Скопје, сè што ние правиме тука, вклучувајќи ја и „Бела ноќ“ и сите тие одредени проекти „Скопје лајт арт дистрикт“, „Скопје анплагд“ и други настани што ги организираме се од буџетот на Град Скопје. Исто така ингеренциите за изградба или реконструкција се на Град Скопје. Бидејќи Градот нема доволно средства, се чека некоја заедничка соработка со Министерството за култура. Министерството во овој период изрази некоја желба, веќе одобри одредена сума, која е околу 30 милиони денари што се одобрени на Градот, за некои почетни активности. Сè уште кај Градот постои дилемата и уште не е е решено дали ќе се оди со нова изградба или со реконструкција на постојната, но некои архитекти со кои се консултирал Градот и за кои се веќе во поголема комуникација алудираат на тоа дека поскапа би била реконструкцијата отколку изградбата на нов објект, кој би бил повеќенаменски со денешни стандарди и технологии.

Дали се врати старото име Универзална?

Јас кога станав директор, станав директор на Конгресен центар „Александар Македонски“, што беше „нонсенс“ бидејќи беше само сменето името. Тоа беше име за тој фамозен јајце-проект откога го измислија. Јас бев директор на конгресен центар со шест сали од кои главната има 3.000 седишта, другата има 500, па 200 седишта со имиња и сè, а реално бев директор на Универзална што не работи. Кога ќе прочитаа Конгресен центар, се создаваа заблуди кај луѓето. Така што си го вративме името ЈУ Универзална сала. Јас и градоначалникот бевме за враќање.


Администратор
04/10/2019 10:25