Во чест на починатиот колега возач, кој доживеа срцев удар со смртни последици зад воланот во квалификациите на третата трка од календарот на кружни патеки во рамките на „Твинго Куп“, сите возачи учесници на трките во сите категории викендов во Кичево, му оддадоа почит со едноминутно молчење и со заедничко турирање на возилата.

Сите знаевме колку тој ги сакаше трките и ова е најмалку што можевме да сториме, беа коментарите на неговите колеги.

Трката во „Твинго Куп“ не се одржа, а во другите дивизии беа постигнати следниве резултати:

Ристо Вуков ја освои титулата во Дивизија 1, завршувајќи ја трката пред Михајло Лазаревски и Димитриј Кимовски. До крајот на сезоната не се знае дали ќе има уште една трка, во Скопје, но Вуков дури и да не настапи, под претпоставка трката да се одржи, тој веќе обезбеди доволна предност во генералниот пласман.

Во Дивизија 2, Орхан Амет беше побрз од Џуклевски и Трајановски во категоријата Е1600, додека Димитриј Кимовски беше побрз од Јорданов и Блажевски во категоријата N2000. Во категориите Е1 и N1400, единствени претставници беа Екрем Мемиши и Михаил Делев.