Почна изградба на првиот Музеј на ретки минерали во Пробиштип. Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов денеска присуствуваа на официјално воведување на фирмата за изградба на овој Музеј, кој ќе биде единствен во државата.

Милевски истакна дека во Музејот нема да има само експонати од рудникот во Злетово, туку и од Саса во Македонска Каменица, потоа Тораница во Крива Паланка, но и ретки метали, кои се пронајдени на територијата на цела држава.

-Ова е прв ваков објект, што ќе има специфичен, атрактивен изглед во облик на кристал. Министерството за локална самоуправа ќе издвои средства за изградба на овој Музеј. Од потребната сума од 9,2 милиони денари, повеќе од 60 отсто ги обезбеди Министерството, а останатите не малку 40 отсто обезбедува Општина Пробиштип. Проектот е најавуван од 2013 година и практично по шест години се гледа крај и се надевам дека на крајот од годината ќе бидат завршени сите градежни работи, вели Милевски.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов истакна дека како општина веќе имаат минеролошка збирка од над 250 експонати која грижливо е собирана педесетина години. Колекцијата има кристални минералим, вулкански камени топки, вулканска лава, репрезентативни ексопнати од откопани стари, но добро зачвани рударски алатки, дрвени шлемови, карбитни ламби, секири, кожени торби, корита, одела и друго. Оваа минеролошко-рударска збирка се наоѓа во Домот на културата „Злетовски рудар“.

-Со поддршката од Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој, Општината ќе изгради Регионален научен музеј за ретки минерали, во кои ќе биде изложена оваа колекција, ова збирката со својата богата содржина, ќе може да се мапира како една од атракциите за туристите и научно истражувачките центри од овој дел од Европа, вели Анастасов.

Изградбата на Регионалниот научен музеј за ретки минерали е предвидено да се заврши во рок од четири месеци. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Анастасов упати и благодарност до Министерството за локална самоуправа, но и до Советот на градоначалници од Источен плански регион за поддршката и што ја препознаа уникатноста на овој проект и му дадоа приоритет за реализација.