Концептот на спогодбата како мерка за поефикасно судство во домашната пракса не е заживеана и не ги исполнува очекувањата за намалување на бројот на случаи кои завршат пред суд и користење на можноста за спогодба.

Ова го порачаа учесниците на шестата сесија на Работната група 3 за Правосудство и основни права – Поглавје 23 од Националната конвенција за ЕУ во Република Македонија насловена “Спогодбата како мерка за поефикасно судство”.

Професорот Гордан Калајџиев, посочи дека воведувањето на идејата за спогодба во нашиот систем отворила голем број теми и контрадикторности.

– Со оглед на тоа што се случува. Апсолутно не сум сигурен дека на нашето обвинителство може да му се даде доверба во тајност да се спогодува, изјави Калајџиев.

Посочи дека нашиот закон иако на почеток експлицитно бара докази и нивно приложување, додека тие докази потоа само се за определување на висина на казна, а не и за прифаќање или докажување вина.

– Малата примена според мене се нереалните санкции кои се нудат. Друг аспект, е што ние прифаќаме само спогодба за санкцијата, посочи Калајџиев.

Професорот Бобан Мисоски, рече дека идејата се наметнала како нужност, штом се воведува рочиште по примерот на англосаксонскиот систем, кој подразбира и спогодба и пробација како механизми за олеснување на постапката.

– Уште кога го пишувавме законот имавме дилема дали спогодбата да биде можна за сите дела или само за дела до 10 години. Можеби е добро што применивме само спогодба за видот и висината на казната, со оглед на нивото на нашиот систем и да се даде простор прво идејата да заживее. Се покажа дека ние како општество не сме подготвени да им се даде право на обвинителатвото да одредуваат и за вината, изјави Мисоски.

Посочи дека признанието, кај нас, е предуслов за спогодување и можно само на првото судско рочиште, зошто нема поента да се даде можност за прифаќање вина откако ќе боде соочен со сите докази.

Судијката Оља Ристова, посочи дека за враќање на довербата на граѓаните во судството е најважна ефикасноста на постапките, односно брзо завршување на судењата, и оти не биле исполнети очекувањата со законското решение од 2013 година за околу 80 до 90 проценти од постапките да се завршуваат со спогодба.

Посочи дека податоците за 2017 покажуваат дека од 66 поднесени предлози за спогодување со признавање вина испратени до судија на претходна постапка, решени се сите 66, што значи дека доколку обвинителите во поглема мерка ги применуваат институтот за спогодување, толку побрзо ќе се решаваат и судските постапки и судството ќе биде поефикасно.

– Гледаме дека има проблем во спроведување на законот во овој дел и во ефикасноста на судските постапки. Секако дека судската постапка доколку стигне на судење, во тој случај таа ќе трае и подолго. Земете го периодот на поднесување на предметот во судот, можноста за закажување на главна расправа и обезедувањето на присуството, значи минимум шест месеци до година траат тие постапки. Со спогодување за вина, каде имаме цврсти докази и се постигне согласност од странките, овие постапки би можеле да се решваат многу побрзо, изјави Ристова.

Работната група 3 предлага неколку препораки, кои треба да бидат прифатени во ново законско решение, како што се подобрување на АКМИС системот за обезбедување просечна казна за определено дело како начин за подобро предвидување на висината на санкциите, подигнување на свеста кај судиите да не прифаќаат признанија кои се несоодветно поткрепени со докази, имотноправното барање да е интегрален дел од спогодбата, како и хиерархиски повисок јавен обвинител да даде одобрение за спогодување.


Администратор
11/09/2019 14:38