Отсекот за превенција при СВР Струмица со поддршка од диџеите Димитар и Мишо Боневи на базенот на хотелот „Сириус“ и со делење флаери реализираше превентивна активност „Сите заедно за поголема безбедност“.
Според портпаролката на струмичката полиција Хризантема Рендевска, целта на акивноста е да се допре до најмладата популација, која во овој период најмногу се забавува на базените.
-Пренесовме сет превентивни пораки, кои очекуваме да бидат прифатени со цел почитување на позитивните законски прописи при управување со моторно возило, мопед и велосипед. Пораките ги пренесуваме преку музика и се надеваме дека така нашите пораки за безбедноста на младите ќе допрат до поголем број од нив, рече Рендевска.
Додаде дека генерално кај младите свеста за нивната безбедност е на многу ниско ниво и покрај тоа што се преземаат најразлични превентивни кампањи и се применуват репресивни мерки. Токму затоа, вели, е организирана и денешната за да се влијае на подигнување на свеста кај младите за нивната безбедност.