Комунални претпријатија и градежни фирми од Битола забрзано го оформуваат новиот лик на спортската сала „Боро Чурлевски" во која на 3 септември ракометниот клуб „Еурофарм Работник" ќе го одигра првиот меѓународен натпревар во рамки на СЕХА лигата.
Деновиве претставници на Европската ракометна федерација извршија инспекција и дадоа согласност РК „Еурофарм Работник" натпреварите во рамки на Лига на шампиони и СЕХА лига да ги игра во Битола.
-Внатре во спортската сала завршена е реконструкцијата и обезбедени се високи стадарди за соблекувалните, просторот за одмор на ракометари и престој на ракометните судии, а поставено е и ново осветлување на теренот во салата. Деновиве привршува надворешното уредување на спортската сала, влезовите во салата како и влезот на големиот паркинг кој денес инфраструктурно се уредува и кој ќе овозможи непречено паркирање на возилата на публиката, како и посебните возила на гостите од странство, посочуваат од спортската сала „Боро Чурлевски".
Инаку, РК „Еурофарм Работник" од вчера почна со онлајн продажба на влезниците за претстојните натпревари од ракометната Лига на шампиони и СЕХА лига, а ракометарите ги продолжуваат подготовките за европската ракометна сцена со учество на меѓународен ракометен турнирво Добој, каде вечер се среќаваат со кинескиот ракометен клуб Пекинг Спорт Универзитет, екипа која исто така како и битолчани годинава ќе дебитира во СЕХА лигата и е селектирана во групата со европскиот шампион РК Вардар-Скопје.