Новите владини решенија што како предлог ги достави премиерот Зоран Заев до Собранието, не се прифатени со аплауз во СДСМ. Партиски извори за „Макпрес“ велат дека, меѓу другото реконструкцијата се одолговлечи од април до сега и заради внатрепартиското несогласување.

Едно од решенијата, околу кое постоеле различни ставови е за предлогот за новиот министер за земјоделие Трајан Димковски, инаку шеф на кабинет на досегашниот Љупчо Николовски. На него паднало решението, според нашите извори, заради тоа што премиерот најпрво и понудил на Ленче Николовска, неговата советничка и поранешен новинар во земјоделска рубрика во некогашната А1 телевизија – но таа го одбила. Оттука премиерот овој ресор одлучува да му го понуди на Димковски.

- Оваа одлука не наиде на широка поддршка од луѓето во партијата кои се во постојана врска со Заев, но бидејќи немаше кој друг, изборот остана на Димковски, вели нашиот извор.

Инаку Димковски во минатото беше активен во невладиниот сектор посветен на земјоделците, најдолго се задржа во Националната федерација на фармери. Но кога излезе од таму, и стана шеф на кабинет на министерот- сега во заминување - Љупчо Николовски, според земјоделците, заборавил од каде доаѓа. Една од последните изјави на Димковски, по која ќе остане запаметен е онаа кога во проблемот со откупот на пченицата, земјоделците ги нарече манипуланти.