Светот се соочува со длабока криза и може да биде на работ на војна, рече денеска францускиот претседател Емануел Макрон.

– Мислам дека хаосот е овде. И мислам дека е одговорност на нашата генерација да не чекаме нова војна, туку да го гледаме светот таков каков што е. Мислам дека денес сме на работ на војна ако не се грижиме. И таа војна е присутна во нашите демократии – тоа е длабоката криза низ која минуваме. Ако сакаме вистински напредок, ние треба да направиме некои сериозни заложби, рече Макрон во говорот по повод стогодишнината на Меѓународната организација на трудот (МОТ) во Женева.

Макрон повика на универзална социјална заштита и компензација за луѓето чии средства за живот се загрозени од технолошките и климатските промени.

Според него, нееднаквоста го фаворизира авторитаризмот.

– Гласачите велат: „Демократијата не нè штити од нееднаквоста, предизвикана од капитализмот, затоа да ги затвориме нашите граници, да изградиме ѕидови и да го напуштиме мултилатералниот пристап, рече тој, очигледно критикувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп.


Администратор
12/06/2019 03:58