Покрај „ЕВН Македонија“, уште пет други компании ја официјализираа соработката со средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ со што се приклучија кон „Платформата 2020“ која ќе придонесе за унапредување на квалитетот на учење преку работа.

Од ЕВН Македонија, кои ја почнаа оваа иницијатива, велат дека целта на ова партнерство е да се зголеми вклученоста на приватниот сектор во промовирањето на средното стручно образование во земјата.

– Тоа значи дека во иднина приватниот сектор ќе биде инволвиран во создавањето на наставните програми според барањата на пазарот и директно ќе ја поддржува практичната настава и феријалната пракса во компаниите. Преку ваквата размена на искуства меѓу образовните институции и приватниот сектор се постигнува создавање квалитетни кадри, образувани според европски стандарди. Придобивките од овој начин на соработка се обострани. Учениците добиваат соодветно, практично образование и стекнуваат непроценливо работно искуство во компаниите уште пред завршување на своето образование. Со тоа нивните шанси за вработување во иднина значително се зголемуваат, а компаниите од друга страна добиваат високо квалитетни кадри според нивните потреби, кои се веднаш подготвени да се вклучат во работниот процес, појаснуваат од ЕВН.

Овој начин на поддршка на образованието, ЕВН го почна со проектот „20-20-20“, преку кој веќе две генерации ученици следат настава во посебната ЕВН паралелка и посетуваат практикантска работа во компанијата. Најдобрите по завршувањето на средното образование, имаат можност да се вработат во компанијата.


Администратор
11/06/2019 19:05