Високото признание за афирмација на македонската литература и култура во светот – Почесното Рациново признание за 2019 година на годинашните 56. Рацинови средби во Велес, Организацискиот одбор на средбите одлучи да му го врачи на проф. д-р Милан Јазбец, кој ја извршува и функцијата амбасадор на Република Словенија во нашата земја.

Професоре Јазбец, што значи ова високо признание за Вас?

– Тоа за мене е големо признание, голема чест и одговорност и јас многу сум задоволен и радосен. Соопштувањето на веста дека сум добитник, за мене беше едно големо изненадување, затоа што јас не го очекував и не размислував за тоа. Кога работиш и си задоволен од својата работа, тоа е креација, уживање. За мене е голема чест да добијам вакво признание, како амбасадор кој пишува поезија и книжевност, тоа е нешто посебно за мене.

Како ја гледате наградата?

– Наградата ја гледам и во контекст на словенечко-македонските односи. Јас наградата ја добив за својата книжевна и преведувачка дејност на двата јазика, но бидејќи сум амбасадор на Словенија во вашата земја, оваа награда е дел од тие односи меѓу нашите две земји. Наградата за мене е поттик и за другите, посебно за младите. Да посочам еден пример, кога една девојка од Велес за мене напиша и текст кога излезе мојота книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ и тоа ми дава мотивација во овие мои години, а уште повеќе за младите. Многу ми е драго да видам како младите со голем интерес слушаат, прифаќаат и тоа за нив е мотивација.

Кој е професор д-р Милан Јазбец?

Тој спаѓа во редот на познати словенечки интелектуалци, а автор е на 39 книги од повеќе области. Неговите публицистички и научни трудови за дипломатијата се изучуваат на универзитетите во Словенија. Неговите прозни и поетски објави се преведени на англиски, германски, руски, турски, арапски, албански и македонски јазик.

На што е резултат оваа награда?

– Од печат ми излегоа четири книги на македонски: „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ во две изданија, „Мартин Крпан – дипломат и воин“ – нашиот национален мит интерпретиран како дипломат и воин и „Виножито за душата“. Тоа е мојот книжевен опус од словенечки на македонски, но како Амбасада на Република Словенија имаме многу културни активности, во Скопје и во други градови. Имаме гостувања на наши писатели и различни други уметници. Тоа е тоа што нè зближува нас, народите, убаво е да гледаш како луѓето ги прифаќаат тие настани, како се воодушевуваат од нив и како се зближуваат. Инаку да најавам дека на крајот на јуни ќе имаме претставување на Република Словенија во вашата земја со 30 фолклорни групи, како и дувачки оркестар, мажоретки…

Како амбасадор што ќе направите за збогатување на односите меѓу двата пријателски народа?

– Пред сè ќе работам на уште преводи на нови дела од словенечки на македонски и обратно. Од словенечки на македонски имаме многу преводи на познати и афирмирани автори. Но, планирам да работам на преведување млади словенечки автори и обратно, и сакам и тие да бидат презентирани и претставени во двете земји. Мислам дека е многу важно и во таа насока се и театарски гостувања на словенечки театри во вашата земја и обратно, на македонски во Словенија. Многу е важно до граѓаните како публика да допре живиот збор, затоа што едно е кога ја читаш книгата дома сам, а друго е кога ја слушаш на сцена. Мислам дека тоа е многу важно, посебно сега кога сме различни држави и немаме толку контакти со јазикот. Затоа сметам дека тоа е многу важно да допре до публиката од двете земји. Тоа уште повеќе затоа што словенечкиот и македонски јазик се многу блиски и имаат многу заеднички зборови, како на пример: чевли, облека и други и на тој начин е многу полесно да го разбереш другиот.

Колку Македонци има во Република Словенија и обратно, колку се ценети како граѓани?

– Во Република Словенија живеат околу 20 илјади македонски граѓани, Македонци и Албанци, плус имаме и 20 илјади кои се словенечки граѓани. Тое е огромна бројка. Сакам да потенцирам дека Словенија последните години е привлечна дестинација за македонските студенти. Во моментов во Словенија има околу 830 македонски студенти, што е огромна бројка. Ако зборуваме за културата, музиката, Васко Атанасовски џез-трио се поим во Република Словенија. Влатко Стефановски во Словенија гостува колку и дома. Вашата етногрупа „Љубојна“ својот имиџ го создаде кога беше во Словенија. Томислав Шопов, легендарен македонски диригент, 15 години живееше и работеше во Словенија. Кога ќе се спомне подрачјето на науката, медицината, најпознатите светски уролози и кардиолози се Македонци кои живеат во Словенија. Имаме и една група од три-четворица светски познати теоретичари за роботика кои се Македонци и работат во Институтот „Јоже Штефан“. Тоа е доказ за одличната врска, а ние сме толку блиски народи и како да има некоја магија што нè влече и приближува да бидеме заедно.

Колку словенечки државјани живеат во Република Северна Македонија?

– Во Вашата земја живеат околу 800 словенечки државјани, а има уште толку кои живеат и работат тука. Имаме три словенечки друштва, од кои две во Скопје и едно во Битола што работат на соработка и презентирање на културата на двете земји.

На што работите во моментов како автор?

– Подготвувам збирка на мојата црна – негативна депресивна поезија, која планирам да излезе од печат кон крајот на годинава. Воедно на мојата книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ се работи превод на седум јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и бошњачки во еден пакет како комплет книга за еден пример за мултиетничка активност од страна на Словенечката амбасада.

Антоанела Димитриевска


Администратор
11/06/2019 15:58