Иранскиот врховен лидер ајтолахот Али Хамнеи на синоќешната ифтар вечера имаше контроверзни изјави.
Ајатолахот Хамнеи истакна дека „никој не сака војна“, но и оти на Исламска Република Иран не би и било тешко да збогатува ураниум на ниво на оружје.
Говорот на Хамнеи првично беше насочен на намалување на шансите за поголем судир на Блиски Исток со САД. Тој посочи дека Иран нема да преговара со САД, оценувајќи ги таквите разговори како „отровни“.
– Ниту ние, ниту тие не сакаат војна. Тие знаат дека тоа не е во нивна корист, посочи Хамнеи.
Претходно, Техеран се закани дека ќе продолжи со збогатување на ураниум над 3,67 отсто, количество дозволено со мултилатералниот договор помеѓу Иран и светските сили, ако не се постигне нов договор во рок од 60 дена.
Ирански претставници изјавија дека во рок од четири дена можат да го зголемат збогатувањето на ураниум до 20 отсто.
– Да се постигне збогатување од 20 отсто е најтешкиот дел. Следните чекори се полесни, посочи ајатолах Хамнеи.
Тензиите помеѓу Иран и САД повторно се разгореа откако Техеран на 8 мај најави делумно повлекување од нуклеарниот договор од 2015 година, една година откако САД се повлекоа од спогодбата. Иранскиот претседател Хасан Рохани на европските лидери им даде рок од 60 дена да изнајдат начин да го заштитат Иран од американските санкции или во спротивно Техеран нема да ги продава резервите збогатен ураниум во странство и ќе ја интензивира преработката на ураниум.
САД последните денови ги интензивите економските санкции кон Техеран и го зголеми военото присуство во Персиски Залив поради наводни ирански закани по американските војници и интереси во регионот. Пентагон испрати носачот на авиони „Абрахам Линколн“, единиците на борбени авиони Б-52, а исто така најави дека ќе постави системи за противвоздушна одбрана со долг дострел „Патриот“ и амфибискиот воен брод „Арлингтон ЛДП-24“ во зоната на Централната команда на армијата на САД (ЦЕНТЦОМ).
Американскиот државен секретар Мајк Помпео по вчерашниот состанок до шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Сочи истакна дека „САД не тежнеат кон војна со Иран“ но оти ќе продолжат со притисокот врз Техеран.
Во меѓувреме, американската армија го зголеми нивото на готовност во Ирак поради евентуални непосредни закани по своите војници од силите кои имаат поддршка од Иран. и го зголеми нивото на готовност.
Стејт департментот денеска издаде наредба за повлекување на американскиот персонал од Амбасадата во Багдад и од Конзулатот во Ербил поради закани по Американците и американските интереси во регионот. Дел од вработените во Амбасадата на САД во Багдад и во Американскиот Конзулат во Ербил веќе заминаа од Багдад. Исто така стопирано е и издавањето на визи.