Од оваа година 5 мај е Ден на македонскиот јазик во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945-та за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис со што беше кодифициран македонскиот јазик.

Празнувањето ќе биде од работен карактер, а во првата година ќе се вклучат две институции – Институтот „Крсте Мисирков“ и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Целта е да се оддаде почит кон македонскиот јазик и кон сите претходници што учествувале во неговото создавање, по примерот на европските земји, вели во интервју за МИА Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик и професор на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет на УКИМ.

Спасов во интервјуто зборува и за грижата и интересот за изучување на македонскиот јазик меѓу некогаш и сега, причините за намалениот број студенти по македонистика и за послабиот квалитет на студентите што, според него, е одраз на генералниот пад на нивото во сите области и на критериумите во образованието, пред сè, на укинатите приемни испити. Непочитувањето на јазикот, вели, го гледаме насекаде во јавната употреба, а за решавање на јазичните дилеми не постои одбор за стандардизација.

Владата неодамна одлучи 5 мај да се прогласи за ден на македонскиот јазик и првпат годинава да биде празник од работен карактер. Кажете ни за историското значење на овој датум?

– На овој датум го одбележуваме донесувањето на современата македонска азбука во 1945, која е од АСНОМ 1944 – каде што македонскиот е прогласен за официјален јазик во целата држава. Со донесувањето на азбуката и подоцна на правописот (7 јуни 1945), фактички, конечно се стандардизира македонскиот јазик и станува јазик на една држава. Во тоа време е Демократска Федерална Македонија која е во заедница со другите југословенски народи. Секој си имал свој државен јазик и македонскиот се издига на ниво на државен јазик.

За да стане еден јазик стандарден, што значи да биде јазик на администрацијата, образованието, на науката и на културата воопшто, е постоењето на една држава. Државата се формира со АСНОМ во 1944 година. Инаку, првата стандардизација е направена уште од Крсте Мисирков во 1903-та, но не заживеала, освен во неговата книга.

Азбуката е направена на 3 мај 1945 и е предложена на Владата на тогашната ДФ Македонија. Таа прифатила и азбуката се официјализира на 5 мај со објавување во весникот „Нова Македонија“, зашто во тоа време не постоел Службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки. Објавувањето на 5 мај го сметаме за службен документ.

Процесот на создавање на азбуката бил подолг и не бил лесен. Тоа го опишува и самиот Блаже Конески. Имало две комисии, некои велат три, не се согласиле сите одеднаш. Конески бил најупорниот за овој тип на азбука, затоа што сметал дека најдобро ја одразува реалноста, вистинитоста на македонскиот изговор и на македонскиот правопис кој доаѓа подоцна. Конески тоа го докажува со пишувањето на Граматиката на македонскиот литературен јазик, првиот и вториот дел во 1952 и во 1953, а во периодот од 1961 до 1966 година следува издавањето на тритомниот Речник и со тоа се заокружува процесот на стандардизирањето. Во сите три акции Блаже Конески е човекот локомотива.

Како ќе се одбележи денот и со кои активности е вклучен Советот за македонски јазик?

– Ова одбележување некако висеше во воздухот, сите го посакувавме овде, но и Македонците и зборувачите на македонскиот јазик во светот, дијаспората итн. Советот за македонски јазик тоа го предложи и Владата го прифати како нешто што објективно треба да се случи. Тоа би се одбележувало, пред сè, таму каде што е најпотребно, почнувајќи од најниските степени на образование до највисоките – со пригодни реферати, можеби со рецитали или со детали од историјата итн.

Советот ќе упати апел до Министерството за образование за начинот на одбележување и затоа е од работен карактер, не е празник за да се оди на излет или слично, туку како празник значаен за културата на еден народ. Оваа година, бидејќи е почетна, ќе се одбележи во две институции – Институтот за македонски јазик на 6 мај ќе организира „Денови на Благоја Корубин“, а Филолошкиот факултет на 14 мај ќе организира посета на родната куќа на Блаже Конески во Небрегово. Таму ќе биде промовирана една моја книга посветена на делото „Македонски текстови од Х до ХХ век“ на Блаже Конески и Оливера Јашар-Настева.

Тоа е за оваа година, но почетокот е многу важен и она што сега ќе се случи ќе даде елан и подготовка понатаму да се развива на различни начини. Вакви датуми постојат кај европските народи. Јас го замислувам тоа како ден на оддавање почит на македонскиот јазик и на сите претходници кои го создавале писмениот, литературен, стандарден јазик, како и долг кон иднината – дека македонскиот јазик треба да се негува, да се шири и, што е многу важно, македонскиот јазик ние треба да го подготвиме до совршенство за тогаш кога нашата земја ќе стане членка на Европската Унија. Бидејќи со влезот во ЕУ и јазикот станува еден од официјаланите јазици на Европа.

Но бројот на студенти по македонски јазик се намалува на Филолошкиот факултет на УКИМ, дали меѓу причините е тоа што се отворија катедри и на други универзитети, вклучително и на приватните?

– За жал, она што се случува не сведочи за напредок, туку за уназадување, и тоа не е многу одамна. Бројот на студенти се намалува на нашиот факултет поради зголемувањето на бројот на факултети и универзитети каде што се изучува македонскиот јазик. Но кај нив постојат практично применливи јазични катедри каде што се изучува македонскиот, што можеби одзема студенти, но одзема студенти и фактот дека ние од објективни причини се насочивме само кон педагошката група, значи за оние луѓе што се наставници, а веќе постои Педагошки факултет во Скопје. Значи, си направивме можеби некоја непотребна конкуренција.

Претходно постоеја групи комбинација на јазици – можеше да се студира македонски и англиски, македонски и француски, македонски и руски итн., и постоеше една, условно речено, чиста македонистика, односно научна група од која се регрутираа повеќето лектори на универзитетите во странство. Се надевам дека ќе се вратиме кон тој стар стил што ќе овозможи поширока застапеност и заинтересираност на млади луѓе да студираат македонски јазик.

Второ нешто, бројот на школските деца, па и студентите, за жал, се намалува драстично во државата, пред сѐ, од економски причини и, трето, неатрактивноста на приходите на наставниците по македонски јазик.

На минатиот конкурс примавме 45 редовни, 45 вонредни, дел и со кофинансирање, а добивме шест студенти. Значи, од потенцијални 90 во државната квота, а порано голем дел одеа и на кофинансирање, се запишаа шест. Тоа не е ни десет насто.

Можеби и ние сме виновни бидејќи воведовме приемен испит, зашто катедрите на Филолошкиот факултет имаат слобода да воведат приемни испити. Воведовме приемен, тука поминаа тие шестмина, но истовремено, приемен испит не воведоа Тетовскиот, Битолскиот, ниту Штипскиот универзитет. Па луѓето едноставно си велат – што ќе доаѓам ваму кога ќе се запишам на чисто.

Критериумот е паднат – денешната деветка е поранешна седумка или шестка, се намалува и бројот на часови поради поекономичност. Потребно е освестување, подигнување на квалитетот, а потребна е и стипендија, што порано ја имаше, која ќе поттикне луѓе да се запишуваат на македонистика.

Учениците немаат солидни резултати во јазичните вештини и писменост, тоа го покажува испитот на државната матура, а и некои меѓународни тестирања. Каков е квалитетот на студентите?

– Во минатите времиња постоеше приемен испит и се случуваше да бидат примени 30 насто од пријавените, што мене лично ми пречеше зашто мислев дека факултетот треба да биде поотворен, послободен за повеќето. Меѓутоа со приемниот испит добивавме многу квалитетен број и квалитетно рамниште на студенти.

Сега се наоѓаме во ситуација да мора да ги почнуваме работите од почеток. Тие што доаѓаат овде да се запишат на факултет како да не поминале низ средно образование, а, за жал, и низ основно образование. Не сакам никого да обвинам. Постои систем во оваа држава – тестирања, обуки на наставници… Но некогаш ќе останам зачуден кога ќе наидам на исклучителен контраст – некој студент или студентка со извонредни познавања – читал(а), проучувал(а), знае странски јазици, има смисла за тоа што го студира, до некој што не знае и се случувало да се мисли дали „Б“ се пишуваше со цртичка на лева страна или на десна. Заболува кога сте професор и ќе го видите тоа.

Се направи реформа во образованието, Болоња, која со сите негативности е добар процес – овозможи размена на студенти на универзитетите во Европа итн. Но под тој наслов се случи уривање на нештата на образованието. Можеби затоа што се помисли дека образованието е најдоброто место да се вработат партиски војници и сè стана на некој начин некој тип на лоша шега – шега да се дојде на училиште, шега да се предава на училиште, и рамништето падна до бескрај.

Се укинаа приемните испити коишто носеа квалитет. Само за студенти нема тестирања. За да се запишам во некој спортски клуб или да станам државен службеник мора да поминам тестови, што е очекувано и нормално, а студент можам да станам така, само да дојдам. Да ми текне шетајќи по град – зошто па да не се запишам?! Мислам дека не е логично.

Да не зборуваме за квалитетот на употребата на правописот. Каде и да се завртиме околу себе нема да видиме ни малечок текст составен од две реченици без три грешки, минимум. Тоа значи дека не се почитува јазикот, не се почитуваат лекторите, и сè и сешто се пушта во средствата за јавна комуникација. И тогаш, кога гледам дека некој јавно објавува лош текст, со што сум јас мотивиран да напишам добар текст? Со ништо, со што било ќе ме разберат.

Се работи ли на некое решение за лекторатите по македонски јазик во светот зашто тие згаснуваат наместо да се шират?

– Најмногу лекторати по македонски јазик во странство имавме во времето кога постоеше Комисијата за културни врски со странство, која даваше стипендии, организираше престои на студенти и се грижеше за лекторатите. Тоа е во 1980-тите години кога имавме од 25 и 30 лекторати. Со бившите комунистички држави тогаш постоеја меѓудржавни договори со кои лекторатите се отвораа врз база на реципроцитет, а им се помагаше на оние лектори што одеа на тогашниот Запад каде што мораа самите да плаќаат кирија. Реципроцитетот функционираше така што ако овде отвориле лекторат по полски јазик, тој лектор има примања и стан бесплатни од наша страна, и македонскиот лектор таму ќе го има истото. Повеќе го нема тоа. Некои универзитети учествуваат со бесплатен стан за лектор, што е многу важно за тој да не плаќа големи средства за кирија.

Повеќето од државите од СФРЈ се снајдоа, најуспешна е Словенија. По број на жители е горе-долу како нас, но има 60 лекторати по словенечки јазик во светот. Ние имаме и се бориме за шест до десет. Затоа што сѐ уште одиме според стариот модел – очекуваме дека некој ќе ни направи лекторат по македонски. Постојат и такви, на пример на универзитетите во Загреб и Риека, каде што на универзитетско ниво се одржува македонски јазик, што го плаќа Хрватска. Меѓутоа, другите држави тоа сѐ помалку го прават. И во Полска постојат на некои универзитети затоа што имаме одлични колеги македонисти Полјаци. Такви имавме и во Чешка, но луѓето што ја водат македонистиката се пензионираат, умираат итн. Така што, лекторатите автоматски гаснат со луѓето.

Тоа не треба да го дозволиме. Словенија тоа не го дозволи и настојува на секој начин, во рамките на меѓудржавните и меѓукултурните договори со другите држави, да го афирмира словенечкиот јазик. За жал, ние тука, пред сè од материјални и организациски причини, тоа не го направивме и бројот на нашите лекторати секоја година се намалува. Советот работи напорно, имаме две-три верзии кои одат кон конечната верзија која оди на правна обработка, и се надеваме дека државата, независно кој е на власт, ќе има слух за афирмацијата на македонскиот јазик и ќе прифати нов закон во кој словенечкиот односно хрватскиот модел го прилагодуваме кон наши услови. Барем да го прошириме бројот на лекторати.

Таму кај што може, Хрватска и Словенија продолжија со реципроцитет, а таму каде што не може доплаќаат, кофинансираат од државниот буџет за афирмација на својот јазик и на својата култура. Мислам дека не се проблем парите, не се работи за големи пари, иако некој што не ја познава работата може да мисли дека се тоа огромни пари.

Лани беше одблокирано полагањето лекторски испит што беше во прекин од 2013 година зашто не профункционира неприменливиот електронски начин, воведен со законски измени. Дали комисијата сега работи и има ли кандидати за испитот?

– Мислам дека од одблокирањето имаат положено 20-25 луѓе. Комисијата работи, но сега се случи нешто што мене многу ме разочара – малку се пријавуваат. Мислевме во еден месец, за еден испит, може да се јават петмина. Се јавуваат двајца. Затоа што се свесни дека малку знаат. Доволно се критични дека не знаат толку за да се јават на испитот, иако нема ограничувања дека не можат и следниот пат да се јават.

Од тие што ќе се пријават, положуваат третина, што повторно укажува на уште полоша ситуација – дека многу било слабо претходното. Значи, треба сами себеси да се обвиниме на факултетов и на факултетите. Не е можно сега да сум лош, а претходно да сум добар. Значи дека заедничкото, општото, генералното ниво е многу паднато – и покрај постоењето на одлични студенти, одлични новинари и на одлични научници за македонистика, рамништето е снижено.

Но, имаме и македонисти што се вработуваат на странските универзитети како лектори или како помошници затоа што се покажале добри. Тоа е доказ дека не произведуваме сосема лош кадар. Успешните лектори може да живеат од ова, бидејќи сега не може да се издаде книга без лектура, а се издава многу повеќе од претходно.

Исто така дадовме писмо, и Агенцијата за аудиовизуелни медиуми тоа го усвои, дека треба во секој превод на филмови од странски канали да стои кој е лектор. Бидејќи лекторската лиценца се дава, се заслужува, но може и да се одземе. Така стои и законски. Не може секој само да го стави својот лекторски печат, да потпише и да земе средства за тоа, туку треба и да изработи.

Има еден збор односно два збора што се сезонски и се појавуваат за време на избори: излезност и излезеност. Кој е правилниот?

– Ако мене лично ме прашате, јас би рекол излезеност, што не е конечно, зашто има и други мислења. Тоа го утврдува одбор за стандардизација, но го немаме. Се обидуваме преку Советот, наидуваме на пречки што не можат да се надминат. Не сакаат да нè прифатат, сите мислат дека сè знаат. До тој степен сме стигнати. Се надевам дека ќе ги надминеме со својата упорност.

Еве, и да имам појаснвање, каде да го објавам? Ние сакавме да го обновиме некогашниот Билтен на Советот за македонски јазик, ни рекоа дека Советот веќе не смее да биде издавач. Нека биде Министерството – не смее Министерството. Се надеваме дека тоа може да биде издавач кој ќе биде овластен или избран на тендер од страна на Министерството.

Мора да го споменам Благоја Корубин кој се занимаваше токму со стилистиката на стандардниот јазик. Во „Нова Македонија“ тој го уредуваше „Јазичното катче“ што го читаа заинтересирани луѓе, интелектуалци што се занимаваат со јазикот и го употребуваат јазикот. Корубин ги воведе, на пример, зборовите „вработи“ наместо „запосли“ и „домување“ наместо „становање“. Да беше жив човекот, илјада насто ќе го ставеше и овој пример со „излезност“ и „излезеност“. Е тоа е улогата на одборот за стандардизација и не смееме, ама таква ни е културата, да се потпреме на еден човек. Тоа мора да биде одбор кој ќе решава вакви дилеми или синтаксички прашања.

Хатка Смаиловиќ

фото: Дарко Попов


Администратор
30/04/2019 17:35