Поддршка за локални патишта, животна средина, олеснување на трговијата и транспортот, унапредување на образованието и здравството, земјоделството и компаниите, ќе добијат со одобрената Рамка за партнерство од Светска банка. Министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за МИА истакнува дека одобрените 420 милиони долари се најголема сума досега доделена за рамка за партнерство од Светска банка.

Во интервјуто зборува и за тоа во каква кондиција е македонската економија и оценува дека повеќе показатели укажуваат на тоа дека економијата оди напред.

Бордот на извршни директори на Светска банка ја одобрија Рамката за партнерство од 420 милиони долари. На кои проекти ќе се потрошат овие средства?

-Со овие средства ќе се финансираат проекти од три области. Првата област се однесува на подобрување на климата за конкурентен приватен сектор. Втората, на инвестирање во развој на човечки капитал. Третата, пак, се однесува на фискална одржливост и одржливост на животната средина. Ќе набројам дел од проектите.

Со Рамката, предвиден е проект за одржување локални патишта во износ од 70 милиони евра. Предвиден е и Проектот за олеснување на трговија и транспорт во Западен Балкан. Станува збор за проект кој значително ќе го подобри протокот на стоки и ќе ги намали трошоците за увоз и извоз на нашите компании. Првата фаза е во вредност од 90 милиони долари, од кои на Република Северна Македонија и следуваат 30 милиони долари.

Ќе се поддржат и проекти што ќе го унапредат образованието и здравството. Ќе се даде поддршка за изработка на модели за обука на наставниот кадар и за развој на кариера на истиот. Ќе се преземат реформски мерки и инвестиции во основното образование, како и примарното здравство.

Во Рамката е предвиден и проект за дигитализација на државата. Во насока на модернизација на земјоделството планиран е проект за дистрибутивни центри.

Ова се само дел од широк спектар проекти што треба да обезбедат побрз, праведен и одржлив економски раст. Наша цел е економскиот раст да забрза, но истовремено да биде праведен, односно сите граѓани да ползуваат од него, а не само одредени категории.

Колку стопанството ќе добие со оваа Рамка?

-Првата компонента од Рамката се однесува на подобрување на климата за конкурентно и извозно ориентирано стопанство. Има повеќе проекти што се однесуваат на подобрување на инфраструктурата што значи подобро поврзување и помали трошоци за компаниите. Таков е Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Светска банка веќе пресмета дека трошоците за увозниците и извозниците во земјава би се намалиле за околу 10 отсто.

Исто така, во Рамката се наоѓа и проектот за поврзување на домашните добавувачи со странските инвеститори во земјава. Овој проект беше договорен со Меѓународната финансиска корпорација (IFC) за време на Пролетните средби ММФ и Светска банка во Вашингтон. Целта е преку вмрежување на домашните и странски компании да се обезбеди работа за домашните претпријатија, да се обезбеди пристап до пазари до кои претходно немале пристап и да се пренесе know-how.

Во Рамката има и други проекти што се однесуваат на поддршка на компаниите, особено на малите и средни. Наша цел е да обезбедиме идеална клима за конкуретно стопанство, кое ќе биде носител на економскиот раст.

Опозицијата сепак смета дека овие 420 милиони долари се непотребен заем, бидејќи Владата нема капацитет да ги реализира проектите. Има ли Владата капацитет да ја реализира оваа Рамка за партнерство?

– Очигледно е дека не само ние, туку и Светска банка има доверба во капацитетот на Владата за реализација на овие проекти. Потврда за тоа е најголемата сума досега доделена за Рамка за партнерство од Светска банка за земјава.

Второ, мора да се инвестира во инфраструктура, здравство, образование. Рамката се состои од развојни заеми со камата под еден отсто, но и грантови. Ова овозможува да се спроведат крупни проекти по минимален трошок, што пак понатаму ќе генерираат економски раст.

Светска банка рече дека е неопходно да се направат реформи за да може да се постигнат повисоки стапки и воедно одржлив раст. Ќе го послушате ли советот на Светска банка?

Во Полугодишниот извештај на Светска банка се потенцира дека разрешувањето на повеќедеценискиот спор со Грција за името претставува можност за напредување со реформите, забрзување на приближувањето кон ЕУ и поголема интеграција за светските пазари.

Тие забележуваат дека растот закрепна по стагнацијата од 2017 година, што главно се должи на приватниот сектор. Има закрепнување кај инвестициите, раст кај нето извозот и приватната потрошувачка.

Секако дека Владата го користи овој позитивен момент за реформи и политики што ќе го поттикнат економскиот раст.

Минатата година беше година на крупни реформи во јавните финансии. Имавме амбициозна агенда, спроведовме десет крупни реформи меѓу кои и даночна, пензиска и социјална реформа. Дел од резултатите веќе се видливи во поглед на реализацијата на буџетските приходи.

Годинава ќе продолжиме со реформите предвидени со Програмата за управување со реформи во јавните финансии.

Во каква кондиција е македонската економија?

– Повеќе показатели укажуваат на тоа дека економијата оди напред. На пример, индустриското производство, и во услови кога на глобално ниво се води битка со царински тарифи, остварува одлични стапки на раст, односно околу 10 отсто во првите два месеца од годината. Исто така, извозот има стапка на раст од 6,8 отсто во првите два месеца. Просечната плата забележа раст од 4,5 отсто. Кредитирањето на претпријатијата, и воедно движењата во бизнис-секторот се подобри од кога било во последните пет години. Странските инвестиции изминатата година беа највисоки од независноста досега. Сето ова укажува дека македонската економија е закрепната и дека може да остварува добри стапки на раст.

Потврда за тоа добивме и од меѓународните финансиски институции. На пример, ММФ ја зголеми проекцијата за раст на македонската економија од 2,8 отсто на три отсто за годинава. Ова се случува во исто време кога ММФ ја намали проекцијата за глобален раст. Ова значи дека перспективите за македонската економија се добри.

Сузи Котева Стоименова


Администратор
25/04/2019 12:15