Кандидатот за градоначалник на Охрид од партијата Граѓанско демократската унија, Михаил Трендафилов Нанче е роден во Охрид во 1955 година. Во 1980 дипломира на Градежниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје. Седум години работи во Црна Гора на ревитализација на Бока Которска, по катастрофалниот земјотрес од 1979 година. Од 1989 почнува приватен бизнис за во 1993 да ја основа „Леснина инжинеринг“, како трговска инжинеринг компанија. Формира фабрика за лепени плочи и фабрика за монтажни енергетски куќи. Светската финансиска криза во 2008 година сериозно ја погодува и „Леснина инжинеринг“ и во 2012 година престанува со работа.

Што Ве испровоцира да влезете во кампањата за градоначалниката функција, кои се вашите амбиции?

Зарем малку има провокации. Па не може човек да ги доброи. После 28 години да стојам и да гледам како двете големи партии се мајтапат со граѓаните во кои сега се колнат, па немам многу време со моите 64 години на располагање. Активностите во здружението „Совест“, посебно поврзани со Али-пашината џамија и гледајќи ја немоќта на СДСМ и ДПМНЕ во 28 години да направат барем нешто за развојот на Охрид (освен меѓусебните обвинувања и препукувања), беше пресудниот момент за да се одлучам да се кандидирам за градоначалник за Охрид.

Ја знаете ситуацијата во градот, зошто сметате дека токму Вие сте кандидатот што е најдобар избор за охриѓани?

Има многу подобри, но скриени, уплашени, чекаат, гледаат од страна. Има луѓе кои придвижуваат и такви кои гледаат од страна и се чудат што се случува. Мене секогаш ми било пишано да бидам од првите, затоа што животот ме научил како се прави од ништо – нешто.

Што ќе им понудите на граѓаните, какви проекти, и како планирате да ги реализирате со оглед ограничените ресурси на градот?

Во оваа фаза можам да понудам само визија, проектите се сериозна работа. Не чека огромна работа на сите полиња, да не набројувам. Ние треба да бидеме алатка на бизнисмените за помош, за реализација на нивните проекти. А што се однесува до ограничените средства, ако гледаме статистички така е, но ако гледаме динамички ги има на претек. Па досега, евидентно е дека не знаеа да се користат ЕУ фондовите. Кој ни е за тоа крив?!

Бевте претседател на Здружението „Совест“ што се противи на нелегалната реставрација на Али-пашината џамија во градот. Како ќе кохабитирате со централната власт како градоначалник од друга партија, односно како ја замислувате таа соработка кога имате спротивставени ставови по доста прашања?

Ако знае централната власт да кохабитира со ДУИ (без разлика и СДСМ и ДПМНЕ), што е проблем да кохабитира со еден градоначалник. Ќе воспоставиме единство и борба на спротивности, што за умни луѓе без суета не е проблем, а што се однесува до спротиставените ставови одговорот е прост. Без триење нема движење, чиста физика.

Што би им порачале на гласачите?

Не плашете се, бидете бар во еден момент господари. Во власта е сѐ: полиција, инспекција, судство, но вие го имате најсилното оружје- ГЛАСАЧКИТЕ ЛИВЧИЊА, демократските куршуми- ПУКАЈТЕ!


Администратор
18/04/2019 12:48