Процесот на доделување договори за јавни набавки е транспарентен. Но, со новиот закон што стапува на 1 април се зголемува транспарентноста, оценува директорот на Бирото за јавни набавки, Бардул Насуфи, кој во интервју за МИА истакнува кои се предностите на новиот закон.

Наведува дека од почетокот на годината се објавени 4.702 огласи за јавни набавки, додека во текот на минатата година се објавени вкупно 21.406 огласи, а вредноста на склучените договори била 700.000.000 евра.

Од април стапува во сила новиот Закон за јавни набавки. Што е она што е најкарактеристично и кои ќе бидат придобивките од неговата примена?

Со донесувањето на овој закон се создаваат основите за сеопфатна реформа на системот на јавните набавки, а дел од решенијата и новините ќе придонесат да се зголеми транспарентноста преку воведувањето на обврската за задолжително објавување на годишните планови за јавни набавки и склучените договори, да се подобри квалитетот на она што се набавува преку воведувањето економски најповолната понуда како критериум преку кој ќе се избира најповолната понуда, да се олеснат условите за учество на малите и средните претпријатија во постапките за јавните набавки. Имено, договорните органи задолжително ќе треба да го оформуваат предметот на набавка во повеќе посебни делови, а доколку тоа не го сторат во одлуката за јавна набавка ќе треба да ги образложат причините за таа своја одлука.

Се воведува и можност за директно плаќање на подизведувачите (што редовно се вклучени во реализацијата на пообемните договори и најчесто станува збор за мали и средни претпријатија). Доколку не е предвидено директно плаќање, договорниот орган треба да бара од носителот на набавката да му достави доказ дека подизведувачот го исплатил во рок од 60 дена од денот на исплаќање на фактурата од страна на договорниот орган на носителот на набавката.

Ќе се следи извршувањето на договорите за јавна набавка. Праксата покажа дека реализацијата на договореното не треба да биде препуштена сама на себе, туку договорот мора да биде управуван со цел да се исполнат сите договорени обврски. Честопати договорите се сложени, може да траат подолго време и да потрошат многу ресурси и затоа мора да бидат соодветно управувани, ќе се вклучат социјални аспекти во постапките за јавни набавки. Воведувањето на таканаречените резервирани договори ќе ги поттикне инклузивниот раст и вработувањето на социјално загрозените групи, со што ќе се обезбеди социјална и професионална интеграција на лицата со посебни потреби и лицата од други социјално маргинализирани групи и поефикасно спречување на судирот на интереси при спроведувањето на јавните набавки, како и зголемување на интегритетот на процесот на доделување договори за јавни набавки преку низата антикорупциски правила.

Дали веќе се подготвени и Бирото и операторите што ќе учествуваат на јавните набавки за новините?

Законот за јавните набавки е објавен во Службен весник на РМ бр. 24/2019 и во согласност со членот 192 влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник, а ќе започне да се применува од 1 април 2019 година. Во периодот од влегување во сила и неговото применување Бирото спроведе обуки за договорните ограни со цел презентирање на новините и нивно натамошно успешно имплементирање во практиката.

Сметате ли дека е транспарентен процесот на јавни набавки во земјава?

Процесот на доделување договори за јавни набавки е транспарентен. Но, со новиот закон се зголемува транспарентноста. Па така, покрај задолжителната објава на огласите и известувањата за склучени договори, се воведува обврска за задолжително објавување на плановите за јавни набавки и склучените договори. На овој начин секој заинтересиран економски оператор и пошироката јавност ќе имаат можност да се запознаат со потребите од набавка на секој договорен орган и со склучените договори и нивната реализација.

Може ли нешто низ бројки да ни кажете од почетокот на годината колку јавни набавки се спроведени и колку јавни набавки имало минатата година?

На почетокот на 2019 година, заклучно со 20 овој месец, се објавени 4.702 огласи за јавни набавки, додека во истиот период минатата година се објавени 4.019 огласи за јавни набавки. Во 2018 година се објавени вкупно 21.406 огласи.

Колкава е врeдноста на јавните набавки во 2018 година?

Вкупната вредност на склучените договори во 2018 година изнесувала 43.472.182.571 денари или околу 700.000.000 евра.

Колку јавни набавки се поништени, во која област се и која е причината за тоа?

Најчести причини за поништување на постапката се дека не е поднесена ниту една понуда – 1.121 постапка, не е поднесена ниту една прифатлива понуда – 764 постапки и дека понудувачите понудиле цени и услови за извршување на договорот за јавна набавка што се понеповолни од реалните на пазарот – 506 постапки.

Постапките за јавни набавки најчесто се поништуваат во следните категории на набавка: градежни работи, работи поврзани со животната средина, комунални услуги, ХТЗ опрема/производи и останати поврзани стоки/услуги, oсновни средства, нивно одржување и резервни делови индустриски и рударски машини, опрема, нивно одржување, резервни делови и поврзани стоки/услуги/работи.

Кој орган спровел најмногу јавни набавки?

Најмногу огласи за јавни набавки има објавено договорниот орган АД Електрани на Македонија, 645 огласи со вкупна вредност од 2.843.656.263 денари или околу 46.000.000 евра.

Сузи Котева-Стоименова


Администратор
30/03/2019 10:57