Благородна иницијатива која ги тргна разликите настрана за да се фокусира на нештата што обединуваат наместо на нештата што делат, вака премиерот Зоран Заев ја оцени ексклузивната изложба „100 години Требениште“, чиј почеток вечерва беше свечено означен во Археолошкиот музеј на Македонија.

Изложбата ќе трае до крајот на август, а ги претставува златните маски од шестиот век п.н.е. најдени во некрополата кај охридско Требениште. За оваа пригода се донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и од Бугарија.

Посетителите ќе можат да видат над 400 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло, заедно со прочуените златни маски кои се наоѓаат во музеите во Бугарија, Србија и Северна Македонија.

Изложбата се организира во чест на 100-годишнината од откривањето на некрополата во 1918 година.

-Вечерва е отворањето на изложбата за средба со историјата стара 27 векови. Изложбата „Сто годинии Требениште“ е приказна за скапоцените траги на една исклучително богата култура откриена пред сто години во близината на Охрид или некогашен Лихнидос, истакна Заев на отворањето на кое присуствуваа министерот за култура, Асаф Адеми, високи претставници од Бугарија, Србија, пратеници, истакнати личности од културата и јавниот живот.

Напомена дека мистериозната историска и културна загатка во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија е обединета со сите три дела од нејзината севкупност. Таа, како што рече, е резултат на исклучително значајната иницијатива на трите институции – Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, Народниот музеј во Белград и Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науки во Софија, каде се чуваат вредните артефакти од локалитетот Требеништа, откриени во различни декади на минатиот век.

Според премиерот, раководителите и кустосите на овие институции направиле важен историски чекор за да се прослави стогодишнината од откривањето на првите артефакти од овој археолошки локалитет.

-Сега епилогот – заокружената приказна за загатката Требениште има шанси заеднички да ја решат националните историски археолошки институции на Бугарија, Србија и Северна Македонија, а зошто да не и во соработка со соодветни инстититуции понатаму од Грција, рече претседателот на Владата, која е покровител на изложбата.

Директорот на Археолошкиот музеј, Горан Санев нагласи дека Требениште е прв, ако не и единствен пример на локалитет, кој задира во три земји, промовиран во светот преку музеи во трите земји и сега прв пат во светот ќе биде претставен како целина.

-Интересот за Требениште сигурно нема да заврши со нашата изложба, ниту пак напишаните научни трудови во каталогот, кој ја следи, рече тој и додаде дека изминатите години тоа се потврдило со многу ситуации кои отвориле нови прашања на кои треба да се даде одговор.

-По цели сто години со добивањето на првата златна маска повторно се разгори еланот за продолжување на истражувањата на некорополата Требениште, додаде Санев.

Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Таа е придружена и со каталог со 408 страници со текстови од 26 автори – музејски работници од трите држави, како и од Чешка и од Германија.

Директорот на Арехолошкиот музеј неодамна при незјиното најавување истакна дека се потпишани девет договори и голем број гаранции и осигурувања, како и дека уште од почеток иницијативата добила поддршка од дипломатскиот кор на овие земји во државава.

Изложбата прво ќе се одржи во Скопје, а артефактите во 2020 година ќе бидат изложени во Софија, додека во 2021 година во Белград. Интерес за неа пројавиле и археолошките музеи од Париз, Берлин, Виена и Загреб.

Некрополата Требениште, која се наоѓа кај селото Горенци во близината на Охрид е случајно откриена во 1918, при копање ровови од бугарски војници.


Администратор
15/03/2019 02:11