Медиумската саморегулација и медиумската писменост се алатките во борбата против дезинформациите познати како лажни вести. На пропагандата и сензационализмот, да се спротиставиме со квалитет и професионално новинарство, порачува претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски во интервју за МИА.

Според Чадиковски, потребна е професионализација на медиумите, бидејќи кога ќе има стандардизирани медиуми и редакции, тогаш тешко дека тие ќе подлегнуваат на лажните вести.

– Во океанот од информации што денеска се нудат на пазарот треба да победат вистинските вести, а државата треба да работи на промоција на медиумската писменост пред граѓаните. Тоа не може да се направи преку специјален закон, но целокупната законска регулатива треба да биде во насока на професионализација и осамостојување на медиумите. Не ни требаат паушални мерки, туку добра стратегија, вели Чадиковски во интервјуто што го пренесуваме во целост.

Во последно време се почесто сме сведоци на лажни вести во медиумите. Се пласираат вести без да се проверат, без да се наведе извор….Дали тоа е должи на трката за сензационализам или се прави со задни намери од политички, економски или други причини?

– Термиот лажни вести или фејк њуз е непопуларен и обично го користат политичарите кога сакаат да дисредитираат критика од страна на новинарите. Затоа, Европската федерација на новинарите инсистира да се користи дезинформации или пак пропаганда зошто самата „лажна вест“ не е вест воопшто. Причините за овој феномен се различни и може да бидат за да се креира општа паника кај граѓаните, да се предизвика штета кај политичките опоненти или пак во бизнис секторот да се влијае негативно на конкуренцијата преку пласирање на невистини. Во секој случај дезинформациите во медиумите постоеле во минатото, ги имаме сега и тоа уште повеќе пред се поради експанзијата на новите медиуми кои се на интернет и ќе постојат и во иднина. Прашањето е како да се превенираат и како да се спречат? Најдобар начин е преку медиумската саморегулација каде јавноста ќе може да прави разлика меѓу професионалните медиуми кои работат според етичките норми и оние кои имаат намера да го злоупотребуваат правото на слобода на изразување. Освен тоа, јавните сервиси имаат обврска да демонстрираат највисоко ниво на точност на информации за граѓаните кога ќе имаат сомнеж дали некоја вест е лажна или не, истата да може да ја проверат преку професионалното известување на националните јавни сервиси и информативни агенции. Во моментов, таа улога ја имаат неколку приватни медиуми, но тие не би требало да бидат замена за јавниот сервис зошто на крајот на денот МРТ го плаќаат сите граѓани и има законска обврска да известува објективно особено за прашања од висок јавен интерес.

Се ближат претседателските избори, а со тоа и опасноста од пласирање на лажни вести што е тренд во светски рамки. Доволно е како пример да ги споменам само младите велешани со кампањата за Трамп. Како Вие како претседател на ЗНМ, но и како човек од медиумите гледате на овој проблем?

– Во време на експанзија на информации и дезинформации преку интернет медиумите, а особено преку социјалните мрежи, многу е тешко да се спречи појавата на дезинформации. Прашањето е како тие да останат изолирани и да не им се придава преголемо значење, а ние сме сведоци дека дури и дел од традиционалните медиуми ги користат социјалните мрежи како извор на информации. Тука е најголемата злоупотреба што доведува до сомнеж дека во Македонија постои систем на креирање на вакви вести со цел да стигнат и до пошироката јавност преку традиционалните медиуми. Тоа беше видливо на пример за време на кампањата на референдумот каде преку анонимни таканаречени ботови се ширеа лаги и невистини. Не се исклучува дека оваа појава ќе продолжи и сега, и во текот на кампањата во претседателските избори, па дури и преку користење на платформи регистрирани во соседни или други држави со цел да се даде лажен кредибилитет на лажната информација.

Има ли начин да се превенира или да се спречи оваа појава и што е она што како новинарска фела треба да го направиме за да имаме помалку лажни вести во медиумите?

– Нема некоја испробана формула за вакво нешто, особено во време на поделено општество, во кое креирањето лаги или пропаганда станува правило. Ќе биде долготраен процес во кој не само медиумите туку целото општество ќе треба да впрегне сили за описменување на граѓаните во насока да се препознаат вистинските професионални информации од лажните. Медиумската писменост е една од тие алатки, но пред се, нам ни треба професионализација на медиумите, бидејќи кога ќе имаме стандардизирани медиуми и редакции, верувајте ми тешко дека тие ќе подлегнуваат на лажните вести. Во океанот од информации што денеска се нудат на пазарот треба да победат вистинските вести, а државата треба да работи на промоција на медиумската писменост пред граѓаните. Тоа не може да се направи преку специјален закон, но целокупната законска регулатива треба да биде во насока на професионализација и осамостојување на медиумите. Не ни требаат паушални мерки, туку добра стратегија.

Има ли ЗНМ како новинарска организација капацитет да ги препознае лажните вести и како да се дејствува со препораки или други насоки?

– Во рамки на ЗНМ веќе долго време постои Советот на честа кое е првото саморегулативно тело во земјата и кое функционира на претходно доставени претставки.

Секоја претставка која може да ја поднесе секој граѓанин преку веб страната на ЗНМ, комисијата составена од искусни новинари од Советот на честа ја разгледува и носи одлука. И тие претставки најчесто се однесуваат на портали, особено на портали што во континуитет ги кршат етичките кодекси. Едната работа која ја работиме и ќе продолжиме да ја работиме, заедно со СЕММ е да овозможиме цврста саморегулација во овој бизнис со што ќе можат да се препознаат професионалните од непрофесионалните портали. Не може секој портал да се нарече медиум, но не може заради грст пропагандисти, сите медиуми да се изедначат. Има професионални портали со свои редакции, со уредници и новинари што се грижат за професионалната медиумска информација. И фер е да го издвоиме квалитетот од неквалитетот.

Оваа година, ЗНМ посебен акцент става и на обука на младите новинари и за 2019 година веќе имаме испланирано десетина обуки со вклученост на странски експерти кои треба да пренесат знаење на нашите новинари како во иднина да известуваат на начин кој ќе биде препознаен како професионален. Тоа е иднината. На пропагандата и сензационализмот да се спротивставиме со квалитет и професионално новинарство.

Билјана Анастасова – Костиќ


Администратор
07/03/2019 10:10