Македонско-француското пријателство датира со децении, со конкретна соработка во различни области, а токму спортската сала „Партизан“ е одраз на солидарноста на Франција кон Град Скопје, веднаш по земјотресот во 1963-та година.

Ова беше една од главните теми за кои денеска разговараа градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев и францускиот амбасадор во Македонија Кристиан Тимоние.

– Почнавме иницијатива за спас и обнова на салата „Партизан“, култен спортски центар што претставува донација од француската Влада. Граѓаните беа уплашени дека овој простор може да биде узурпиран со изградба на нови згради, но нашата заложба и цел е ова место да остане со намена за спорт и рекреација, изјавил градоначалникот Богоев на работната средба.

Амбасадорот Тимоние, како што информира Општина Карпош, истакнал дека Карпош претставува значаен дел од Скопје, а токму градоначалникот е најблиската личност – институција до граѓаните.

– Богоев и Тимоние разговараа и за подлабока соработка во областа на животната средина, образованието и унапредувањето на родовата еднаквост. Потврдена е заложбата за унапредување на францускиот јазик во основното образование, како и организирање и одржување на дополнителни обуки и работилници за наставниците кои го предаваат овој јазик, во соработка со Институтот за француски јазик – Скопје, стои во соопштението од Општина Карпош.

Градоначалникот Богоев и амбасадорот Тимоние во претстојниот период ќе го посетат околниот простор околу „Партизан“, но и Основното училиште „Братство“ во Тафталиџе што е пример за образовна установа каде се изучува францускиот јазик и се негува мултиетничноста.


Администратор
05/02/2019 18:52