Вкупно 19 активности, од кои 15 спроведени во Македонија, а четири реализирани во делот на меѓународни активности, опфати Националната програма која минатата година ја изготви Управата за заштита на културното наследство (УЗКН), за да се придружи во одбележувањето на 2018-Европска година на културното наследство. Програмата се спроведе под слоганите „Нашето наследство – европска вредност!“ и „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.

За потребите на Програмата беа дизајнирани посебни промотивни материјали, а во текот на кампањата Управата лансираше и свој хаштаг #MacedoniaForCulture со кој фановите на социјалните мрежи имаа можност да споделуваат искуства и приказни поврзани со македонското културно наследство.

УЗКН соопшти дека иако Република Македонија сè уште не е полноправна членка на Европската Унија и немала обврска да ја спроведе одлуката на европските институции за спроведување на целогодишна манифестација – 2018-Европска година на културното наследство, сепак Управата го препознала значењето на дадените рамковни теми на Годината, кои се блиски и до нејзините заложби.

-Во кампањата која ја водеше Управата беа вклучени проекти и активности за популаризација на нашето, но европско културно наследство, негово приближување до пошироката јавност преку јавни презентации, промоции и едукативни настани за децата и младите, стручни настани (работилници, обуки) за вработените во институциите за заштита на културното наследство, но и за граѓанскиот сектор и локалните заедници, наведува УЗКН.

Оваа европска иницијатива што се реализираше минатата година беше одлука на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија и покри четири клучни теми што се однесуваат на културното наследство: вклученост, одржливост, зачувување и иновација. Во земјите членки на Унијата лани беа спроведени повеќе од 11.500 настани и проекти на европско, национално, регионално и локално ниво, инволвирајќи 6.2 милиони жители на ЕУ, особено деца и млади, со цел зајакнување на нивното знаење за културното наследство, но и за припадноста во поширокото Европско семејство.

На затворањето на иницијативата во Виена беше презентиран Акциски план за културно наследство, настанат како резултат од сите активности реализирани во текот на Европската година на културното наследство. Негова главна цел е воспоставување заедничка насока за активности во областа на културното наследство на европско ниво, главно во однос на европските политики и програми.


Администратор
09/01/2019 14:01