Пешачењето е наједноставна физичка активност, но придобивките од одењето честопати знаеме да ги потцениме. Наместо еден час дневно да поминете пред компјутер, на мобилен телефон или гледајќи телевизија, тоа време искористете го за пешачење, бидејќи на тој начин ќе го намалите ризикот од појава на некои болести, значително ќе ги зајакнете коските и ќе ја подобрите циркулацијата.

Кај луѓето со поголема телесна тежина пешачењето особено се препорачува, бидејќи ги согорува маснотиите, ги ублажува токсините и го смалува нивото на холестерол во крвта.

Пешачењето освен што има важна улога во физичкото здравје, тоа го подобрува и менталното здравје кај човекот, го ублажува стресот, ја намалува депресијата и му помага на човекот да се релаксира.

Пешачете најмалку еден час дневно

Лекарите препорачуваат одењето во текот на денот да не е помалку од еден час и да го практикуваат сите луѓе без разлика на која старосна група им припаѓаат.

Посочуваат дека најдобар период за пешачење е во вечерните часови пред спиење, бидејќи го опушта телото и ни овозможува мирен сон.

Но, секако и пешачењето преку ден е исто така многу битно. Па така наместо повторно да седнете во вашиот автомобил практикувајте пешки да одите на работа. На тој начин ќе се расоните, ќе потрошите калории и ќе го зацврстите телото. Доколку работите подалеку од вашето место на живеење, тогаш одете со автобус, на тој начин ќе имате пат за пешачење до и од автобуската станица. За оваа физичка активност можете да го искористите и работното место, така што наместо со лифт одете по скали или за некои помали обврски во град, наместо возило користете ги своите нозе.

Техники за подолго пешачење

Една од техниките за подолго пешачење е да имате увид за тоа колку чекори правите. Можете да набавите педометар и секојдневно да правите повеќе чекори.

Според експертите доволно е секојдневно да правите 10.000 чекори за да ослабете, а за тоа ви се потребни околу еден час.

Во оваа бројка се вбројуваат и чекорите кои ги правите во текот на целиот ден, одењето по дома, до продавница, играњето со децата во паркот, шетањето домашно милениче…

Како да пешачите правилно?

Професорката по спорт и спортски активности Жана Палевски вели дека првото правило на пешачeње e поврзано со кондицијата, а тоа значи мора да одите брзо, но притоа да не останете без воздух. Целта на пешачењето, како што посочува таа, не е да се задишите и уморите, туку правилно и координирано да се движите во рамки на вашите способности.

– Многу е битно дали одиме правилно. А тоа значи исправена положба на телото, односно да се држи грбот исправено, главата високо, рамената опуштени, а стапалата да се паралелно поставени. Рацете да се свиткани малку во лактите, десната рака да се движи напред со левата нога, да се дише во темпо на чекорот, на тлото да се спушти прво петата па стапалото и да не се гледа надолу, туку три-четири метри пред себе. Кога пешачите носете удобна облека и чевли, понесете шише вода и пијте во мали голтки, а по одење добро истегнете се, вели Палевски.

За рекреативно пешачење најпогодни се шумските патеки или патеките во парковите. Во природа ќе се чувствувате поопуштено. Ќе се надишите свеж воздух, што во секој случај ќе ви помогне полесно да надминете некои стресни и напнати моменти кои, за жал се дел од нашето секојдневие. -Сметам дека е најдобро секој да си го „слуша“ телото, да не се форсира, да пешачи, да планинари или да вози велосипед колку што може, колку што му дозволува кондицијата. Ако пак нема таква навика, никогаш не е доцна, вели скопјанката Лена Христова, која секој слободен момент го користи да пешачи. Радува фактот, посочува таа, што се повозразни луѓе, но и многу деца од училишна и рана школска возраст може да се сретнат по патеките на Водно, како одат до Средно, а некои и до врвот на планината. -Тоа покажува дека полека начинот на живот се менува и се повеќе се сфаќа потребата од рекреација, независно за каков тип „спорт“ се работи, вели Христова. Нo не треба да очекувате да се случи чудо само после еден ден пешачење, ама сигурно е дека придобивките ќе ги забележите подоцна во животот. Затоа, никогаш не е доцна да почнете да пешачите. Даниела Маркоска Алекосовска


Администратор
08/12/2018 19:24