Адвокатите мора да се придржуваат кон законите и актите на Комората, мора да бидат стручни, информирани и во чекор со промената на законите што се донесуваат во текот на нивното работење. Особено внимание обрнуваме на адвокатската етика, која е примарна при прием на новите кандидати за адвокати. Должност на сите адвокати е да се грижат за правилна примена на Кодексот за професионална етика на адвокатите и технички и стручно да се оспособени за комуникација со институциите, пред сѐ со судовите, преку новите технички достигнувања, вели во интервјуто за МИА, претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија, Љубомир Михајловски.

По Вашето назначување за прв човек во адвокатската фела изјавивте дека првенствена заложба ќе Ви биде зајакнување на квалитетот на адвокатурата. Колку досега е реализирано од тоа што го зацртавте?

-Мојот мандат, како и на останатите членови на Управниот одбор на Комората, вкупно 17, почна во мај годинава. Оттогаш наваму активно работиме и се залагаме со колегите за унапредување на адвокатурата. Досега кај извршната власт има слух и разбирање и сме вклучени во сите дебати, расправи и активности во врска со подготовка на закони од кои пред сѐ е засегната адвокатурата. Се залагаме законите што ќе се донесат понатаму да бидат применливи и да немаат чести измени кои ја доведуваат во прашање правната сигурност, која, пак, како начело е потребна за владеењето на правото. Освен околу прашањата за законите, активни сме и во делот на подобрување на комуникацијата со институциите со кои адвокатите секојдневно работат, па оттука очекуваме овие наши заложби да резултираат со подобрување на квалитетот на услугите за адвокатите. Комората исто така преку разни обуки, семинари и работилници врши и понатаму ќе врши едукација на адвокатите, што е голем придонес за нивното успешно работење. Адвокатите имаат можност да бидат дел од обуките што се реализираат од страна на Академијата за судии и јавни обвинители, врз основа на Меморандум за соработка потпишан меѓу Комората и Академијата. Дел од обуките и семинарите, пак, се поддржани од меѓународниот фактор, како што се Амбасадата на САД и Советот на Европа. Во план е реализација и на самостојни обуки на Комората, како и на конференции за актуелна правна проблематика.

За еден адвокат да биде кредибилен, според Вас, кои квалификации треба да ги поседува?

-Адвокатите мора да се придржуваат кон законите и актите на Комората, мора да бидат стручни, информирани и во тек со промената на законите што се донесуваат во текот на нивното работење. Особено внимание обрнуваме на адвокатската етика, која е примарна при прием на новите кандидати за адвокати. Морам да потенцирам дека должност на сите адвокати е да се грижат за правилна примена на Кодексот за професионална етика на адвокатите. Исто така, новото време бара од адвокатите да се технички и стручно оспособени за комуникација со институциите, пред сѐ со судовите, преку новите технички достигнувања, и на тој план адвокатите мора да се усовршуваат. Како Комора вложуваме големи напори за модернизација на адвокатурата.

Каков е интересот на адвокатите за обуките, семинарите и работилниците што ги презема АКРМ, имајќи предвид дека тоа е голем придонес за нивното успешно работење?

-Интересот е голем. Сепак, морам да потенцирам дека Адвокатската комора има големо членство, повеќе од 2.600 активни адвокати, и од таа причина сметаме дека е неопходно и да се зголеми квантумот на обуки. Секако честата промена на законите создава исто така потреба за континуирана едукација, а и самата професија е таква, потребно е постојано усовршување.

Со какви проблеми се соочува Адвокатската комора?

-Не би ги нарекол проблеми, можеби секојдневни предизвици со кои се соочуваме – техничката опременост, финансирањето на потреби за вршење на дејноста на Адвокатската комора, потребата од зајакнување на кадровскиот потенцијал на Комората, како и финансирањето на обуките. Но, тоа се предизвици што етапно ги решаваме. Во моментов, на пример, се работи на наоѓање нови простории за Комората, како и на комплетно зајакнување на потенцијалите на Комората – како технички така и кадровски – на стручната служба, но и на органите на Комората, а особено дисциплинските.

Што се однесува на улогата на адвокатите во правосудниот систем и општеството, за која сметам дека сѐ уште ја нема улогата што ѝ припаѓа, се вложуваат напори за надминување на овие состојби, особено во поглед на подготовката на законски решенија во интерес на адвокатите како бранители на човековите права и слободи. Сузбивање на надриписарството и работењето под адвокатската тарифа на една страна, зајакнувањето на угледот и единството на адвокатурата, како и зачувување на нејзината уставна категорија како јавна, самостојна и независна професија и достоинствено држење надвор од какви било влијанија се приоритетите на Управниот одбор на Комората. Знаете, Комората ја претставува адвокатурата и ги застапува интересите на адвокатурата. Организирани сме во Адвокатска комора, како и во останатите земји во свет – да ги зачуваме нашите права, правата на нашите клиенти. Силната адвокатура значи силна демократија, додека нападот на адвокатурата и нападот на поединечните права на адвокатите значи напад на демократијата.

Како е регулиран институтот „бесплатна правна помош” и колку граѓаните ја користат оваа можност? Во тој контекст, колку адвокатите се заинтересирани за давање ваква помош?

-Институтот „бесплатна правна помош” е регулиран со посебен Закон за бесплатна правна помош. Во моментов во подготовка е нов Закон за бесплатна правна помош, на кој Адвокатската комора имаше свои забелешки и кои главно беа прифатени.

Во актуелното законско решение е дефинирана – бесплатната правна помош, корисниците на бесплатната правна помош, давателите на бесплатната правна помош, условите за користење на бесплатната правна помош, начините на давање на бесплатната правна помош, видот на дадената бесплатна правна помош и надоместокот за дадената бесплатна правна помош. Адвокатурата, како и другите даватели на правна помош, се упатени на Министерството за правда при реализацијата на ова право на граѓаните. Министерството за правда води регистар на адвокати за бесплатна правна помош, па доколку граѓаните имаат потреба за бесплатна правна помош од адвокат, треба да аплицираат пред подрачните одделенија на Минстерството за правда, па доколку ги исполнуваат условите, Министерството е должно по барањето за бесплатна правна помош да постапи најдоцна во рок од осум дена од денот на добивањето на предметот од подрачното одделение на Министерството, водејќи сметка за итноста на спорот предвиден во соодветната постапка и доколку е можно, по избор на барателот, му одобрува адвокат, но без оглед дали е можно да се избере адвокат по избор на барателот, Министерството за правда, повторно во соработка со корисникот на правото, ќе определи адвокат.

Значајно за оваа постапка е дека доколку граѓанинот смета дека ги исполнува условите за бесплатна правна помош, треба да аплицира до Министерството за правда, преку кое граѓаните го реализираат ова право, бидејќи Адвокатската комора на Република Македонија и адвокатите кои ја пружаат бесплатната правна помош се упатени на заемна соработка со ова Министерство, кое има и контролни механизми при пружање на бесплатната правна помош, во согласност со истиот закон.

Потпишавте Меморандум за соработка со Управата за водење матични книги. Што подразбира тоа?

-Меморандумот за соработка е потпишан во октомври минатата година, додека на почетокот на овој месец беше потпишан анекс на Меморандумот, со цел адвокатите веќе од 1 декември да можат по електронски пат да ги добиваат документите од Управата за водење матични книги.

Меморандумот, кој е од особено значење, ја потврдува потребата од модернизација на комуникацијата помеѓу адвокатите со Управата за водење на матичните книги, што подразбира и олеснет пристап до правдата.

За користењето на ваквата услуга, потребно е да се има дигитален сертификат и електронска регистрација преку порталот на Управата, услуга што ќе стартува од 1 декември.

Ваквата новина во Управата за водење на матичните книги го олеснува пристапот до потребната документација на адвокатската фела, која нема да мора да чека по шалтери. Адвокатите ќе ги дoбиваат документите што се во надлежност на Управата за водење на матичните книги во електронска форма, потпишани со електронски потпис, а со тоа ќе се овозможи забрзување на постапките. Ова претставува исклучително важна новина и за правата и интересите на граѓаните.

Адвокатската комора веќе подолго време има заложби за ваков вид комуникација и помеѓу адвокатите и судовите. Во таа смисла, оваа новина е добар пример што треба да се направи во следниот период, и тоа во делот на електронската комуникација со судовите.

Каква е соработката на АКРМ со адвокатските комори во регионот?

-Имаме одлична соработка со коморите од регионот, како и пошироко. Оваа соработка е особено плодна во доменот на размена на искуства во однос на законите што ги засегаат адвокатите, особено имајќи предвид дека горе-долу и колегите од регионот се соочуваат со слични проблеми. Единството на адвокатурата на регионално ниво го прави нашиот глас уште посилен!


Администратор
24/11/2018 11:41