Отворањето на Уставот му даде прилика и на Бугарскиот културен клуб да предложи уставни амандмани. Преку соопштение до јавноста побараа да бидат земени предвид нивните предлози оти тоа бил став на „организација која обединува македонски граѓани кои го имаат запазено своето бугарско самосознание„. Предлозите биле испратени и до Собранието.
-Во преамбулата на Уставот на Република Македонија „македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другитеʺ се заменува со „независно од нивното потекло, вероисповед или национално самосознаниеʺ, по зборот Македонија се додава „во согласност со идеите на Бугарските македонско-одрински револуционерни комитети (ТМОРО, ВМОРО), за политичка автономија на нашите простори ветена на Берлинскииот конгрес во 1878 година, со идеалите на Крушевската Република, со целите на ВМРО – кое по 1919 година се објавува за независна македонска држава, прогласот на АСНОМ, на референдумот од 8 септември 1991 година и на Охридскиот рамковен договорʺ, а се бришат зборовите „одлучија даʺ, пишува во дел од предлозите.
Понатаму во соопштението додаваат дека „Република Македонија има право да гради свој идентитет, кој да ги обединува граѓаните од различно етничко потекло, со различна вероисповед и самосвест“. Според нив промената на името било тешка загуба што сме ја претрпеле поради „нашата неспособност да ја преосмислиме нашата историја“.