Собранието ја има историската можност и историската одговорност да ја отвори вратата на Македонија за членство во НАТО, вели во интервју за МИА вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска која го предводи македонскиот тим кој денеска и утре во Бисел официјално ги почнува пристапните преговори за членство на Македонија во Северноатлантската алијанса.

- Доколку се обезбеди двотретинското мнозинство Македонија ќе покаже и на Европа и на светот и на регионот дека знае што сака и знае како таа цел да се исполни. Доколку надвладеат партиските и личните интереси на неколкумина тоа ќе биде голем минус за Собранието и за нас ќе значи неопходно итно закажување на предвремени избори, истакнува Шекеринска.

За можното пробивање на роковите предвидени со Преспанскиот договорот доколку се оди на избори, вели дека за Македонија е подобро процесот да заврши со успешна собраниска процедура. Но, ако таа процедура е невозможна во овој парламент тогаш редно е мандатот да се врати кај граѓаните. Ако Собранието одлучи да им даде шанса на стратешките интереси на државата, одлично. Ако не, избори се единствена опција, друга не постои, наведува Шекеринска.

Таа посочува дека се во постојан контакт со земјите партнери и со Грција и смета дека и во случај на избори можно е да се стигне навреме за грчкиот Парламент да го ратификува и Договорот од Преспа и договорот за пристапување на Македонија во НАТО.

Шекеринска во интервјуто за МИА се осврнува и на очекувањата од пристапните преговори со НАТО и перспективите на Македонија како полноправна членка на Алијансата.

Која е целта на вашата посета?

- Целта на оваа посета на Брисел беше официјалниот почеток на пристапните преговори за НАТО. Во јули кога ја добивме поканата за НАТО многумина се сомневаа дали таа значи брз и ефикасен процес или значи влечење на процедурата. Утрешната средба покажува дека плановите и на Македонија и на НАТО се ова да биде брз и ефикасен процес којшто ќе резултира со членство на Македонија во НАТО Алијансата. Отворањето на овие пристапни преговори е многу важен почеток на оваа втора фаза. Очекуваме тие да се одвиваат на многу констурктивен начин. Македонските институции се подготвени, работевме целава измината година и на реформите во одбраната, и на реформите во политичкиот дел и очекуваме тоа веднаш да биде препознаено од страна на НАТО сојузниците.

Во што се состојат овие преговори за НАТО?

- НАТО Алијансата се базира на некои основни документи и некои основни вредности, односно принципи. Во делот на документите тоа значи дека и Македонија ќе треба да ги прифати документите со коишто е формирана Алијансата и правните последици коишто тие ги носат. Воедно, НАТО освен што е воен сојуз подразбира и прифаќање на основни вредности, демократски вредности како што се владеењето на правото, слободни избори, слободни медиуми, борба против корупцијата. Македонија покажа резултати коишто ни ја донесоа поканата, меѓутоа во следниот период точно ќе треба да покажеме каков ни е планот да продолжиме со реформите во овој дел, колку брзо тие ќе се спроведуваат и кои се нашите очекувани резултати. Во делот на одбраната преземаме и одредени обврски, а тоа е да ја развиваме македонската одбрана да биде компатибилна со НАТО стандардите, да се обезбеди целосна т.н. интероперабилност на македонските армиски сили со армиите на земјите членки на НАТО. Преземаме обврски македонската Армија да може од моментот на нашето членство да функционира како Армија на најмоќниот воено-политички Сојуз. Тоа се обврски коишто подразбираат модернизација на Армијата, тоа се обврски коишто подразбираат засилено финансирање на одбраната и обврски коишто подразбираат дека Македонија ќе мора да ја гарантира безбедноста на сите информации коишто ги добива од НАТО. Членството во НАТО значи дека нашата безбедност ќе биде дел од колективната безбедност и на Америка и на Германија и на Италија и на Франција и на сите овие најмоќни воени сили.

Меѓутоа тоа истовремено значи дека Македонија мора да гарантира дека нема да биде слабиот дел од НАТО алката. И во таа смисла преговорите се многу важни, но Македонија во нив влегува подготвена и поради тоа што осумнаесет циклуси на т.н. МАП, повеќегодишни програми, правевме со НАТО туку и во изминатава година и половина навистина се фокусиравме и на реформите во делот на одбраната, што ни треба да смениме за да бидеме подобри, но и во делот на реформи во македонскиот политички систем: какво Собрание, какви медиуми, какво правосудство, какви реформи коишто гарантираат владеење на правото?

Какви финански обврски и како треба Македонија да придонесува за НАТО?

- Финансиските обврски за НАТО, главните за коишто највеќе се зборува, за коишто се судираа и големите сили, Америка со Германија и други земји членки, не се однесуваат на нашето финансирање на НАТО туку се однесуваат на тоа колку ние средства ќе вложиме во македонската одбрана, во АРМ, во нашите одбранбени сили, во нашата структура на одбраната. И тоа е најголемата обврска којашто ќе ја има Македонија. Земјите членки на НАТО се обврзаа на еден од претходните самити дека ќе го зголемат издвојувањето пари во својата одбрана и на тој начин ќе го засилат НАТО. За тоа Македонија презема обврска и пред НАТО, но ја преземавме како обврска и пред нашите институции, со нашиот стратешки одбранбен преглед, дека секоја година парите коишто се насочуваат кон Армијата и кон одбраната ќе растат и до 2024 планираме да го достигнеме посакуваното ниво од два проценти од БДП.

Тоа е главната тема околу која се кршеа копјата и во НАТО, тоа е тема којашто е важна за Македонија, но ние и без членството во НАТО велиме дека беше неприфатливо, нелогично и неодговорно што Македонија десет години по ред го намалуваше своето финансирање на Армијата. И се доведовме до ситуација институцијата којашто има најголема доверба помеѓу македонските граѓани да страда поради тоа што немаше задоволени елементарни услови. И сега една по една ги решаваме тие отворени точки во Армијата. Големите пари не се пари кои Македонија ќе ги плати на НАТО, туку пари кои Македонија ќе ги инвестира во својата одбрана, во својата Армија, во своите капацитети. Средствата коишто се издвојуваат како поддршка на Алијансата односно како членарина во Алијансата се мали и за нив ќе се преговара и во целиот овој процес но во принцип не се суми коишто предизвикуваат внимание како што предизвикува оваа обврска за два проценти.

Зошто е важно за Македонија да инвестира во одбраната?

- Во секоја криза со која се соочуваше Македонија, не зборам само за оние елементарните воени и безбедносни како 2001, зборувам за мигрантската криза, зборувам за пожарите, зборувам за поплавите, кога ќе се почувствуваа граѓаните загрозени, единствена институција во којашто имаат доверба дека ќе реагира на соодветно ниво, во тешки ситуации тоа е АРМ.

И не зборувам фрази кога велам дека Македонија и нејзините граѓани секогаш можеле да се потпрат на својата Армија. Но тоа не може да трае вечно ако Армијата не може да се потпре на државата. Ние сме држава во којашто во изминативе десет години најмалку пари се издвоиле за елементарни потреби за војската: униформа, чизми.

Еве, оваа година, поради тоа што ги зголемивме парите во буџетот за одбрана успеавме да обезбедиме чизми за секој војник. Во тек ни е набавка за две униформи буквално за секој припадник на АРМ. Значи дека ќе одат пари во одбраната, ама тоа се пари кои ќе останат во Македонија и ќе бидат за доброто на Македонија.

Кога доаѓаат кризи никој не прашува колку чини ама ќе имаш капацитет да се справиш со кризата ако на вистински начин, паметно, инвестираш. Ние имаме Армија која е нешто под седум илјади припадници заедно со Министерство за одбрана и другите капацитети, тоа се околу осум илјади луѓе коишто работат за да Македонија биде безбедна во ситуација на надворешна закана или во ситуација на друг тип закани по безбедноста на нејзините граѓани. За такви потреби морате да инвестирате. Инаку ќе зависите од волјата на некои други коишто ќе ви помогнат. Предноста на членството во НАТО е што во такви ситуации можете да искористите капацитети и од своите соседи и од други земји членки на НАТО без во тие ресурси да инвестирате самостојно.

Значи имате право да барате некаква солидарност од други земји членки?

- Во принцип тој систем функционира многу добро во рамките на НАТО Алијансата. Честопати ние бараме помош од нашите соседи без разлика што не сме членки на НАТО. Но кога сте дел од сојузот тогаш таа брза интервенција се случува многу брзо и многу поорганизирано и притоа институциите се навикнати да соработуваат. Точно знаат на кој начин да спроведат заеднички операции. Точно знаат на кој начин да обезбедат меѓусебна комуникација. Кога се случија пожарите во Македонија во 2017 главното очекување падна на воздухопловната единица на АРМ. И навистина беа активни од сабајле до вечер. И за тоа треба да создадете капацитети, за не дај Боже се создаваат капацитети, но во некои ситуации е полесно ако можете на вашите хеликоптери да ги додадете хеликоптерите на Грција, Бугарија, Албанија коишто ви се на еден час растојание.

Тоа и сега можеме да го правиме...

- Можеме, и зависи од нив, некогаш можат. Кога беа пожарите, еден од хеликоптерите беше дел од бугарската Армија, и тоа беше момент кога Бугарија сакаше да испрати политичка порака дека поради договорот што го склучивме буквално се подобриле контактите, врските во овие важни теми. Но сосема друго е кога сте дел од сојузот и кога практично сите се мобилизираат за заштита на еден. Црна Гора минатата година стана членка на НАТО и денес на пример обезбедува заштита на своето небо користејќи ја поддршката на еден од сојузниците во НАТО. Целта на НАТО е, не да ги трупа истите ресурси во секоја земја туку нашите ресурси да можат да бидат искористени од други земји, но и ние да можеме да користиме ресурси од други земји, да бидеме поефикасни во трошењето на нашите пари.

Денеска не ни го штити небото НАТО?

- Не.

Дали постои надворешна закана за Македонија? Се споменуваат ризици од можна поделба на Косово, руски закани, која е безбедносната проценка на МО?

- Правењето проценка не се сведува на еден извор на закана, туку се анализира кое е нивото на закана на различни извори. Оценката е дека Македонија малку треба да се плаши од онаа класична физичка закана на нејзините граници којашто би било некој стандарден тип на воено дејствие од минатиот век. Меѓутоа се поголеми се заканите од типот на влијанија на разузнавачки структури, тие се присутни секаде во регионот, и тоа е една од високорангираните закани. Високо се рангираат хибридните закани и особено сајбер закани коишто ќе ви бидат невидливи но можат да ви го парализираат системот. Можат буквално да ви ја направат државата да биде обезглавена во клучни моменти. Високо рангираат и заканите коишто произлегуваат од климатските промени, поплави, пожари и друг тип на климатски ризици.

До каде е капацитетот на македонските институции во делот на сајбер безбедноста?

- Сајбер безбедноста опфаќа повеќе институции. Одбраната има специфичен дел од нив меѓутоа безбедноста е многу поширока, таа бара реакција и во делот на цивилните институции, можеби и највеќе, и во делот на основната инфраструктура, електроенергетска инфраструктура, телефонија, тој тип на услуги коишто во моменти на напад можат да бидат прво таргетирани.

Ние заедно со МВР и МИОА минатата година работевме на една генерална стратегија за сајбер безбедност, а сега Министерството се фокусираше на изградба на капацитети во одбраната и започнавме заедничка акција со вооружените сили на САД за градење на посебен капацитет во рамки на армијата и во рамки на МО која ќе се посвети исклучиво на сајбер заканите. И додека разговараме екипите, и американските и македонските, работат заедно да ги таргетираат класичните закани, но и да го дефинираат моделот со кој ние ќе се справуваме со заканите. Одредвиме и број луѓе чиј фокус ќе биде исклучиво сајбер безбедноста, инвестираме во нивната обука. Во рамките на Воената Академија направивме посебни постдипломски студии посветени исклучиво на сајбер одбраната и тоа го нудиме и на владините институции и на луѓето коишто работат во приватниот сектор. Се разботи за огромна област, се работи навистина за ризик кој е непредвидлив и се менува и за жал институциите им е најтешко да се носат со тие промени, бидејќи секој нов ризик значи потреба и ние да се прилагодиме на ризикот. Но од почетокот на работата на стратегискиот одбранбен преглед сајбер одбраната ја ставивме како еден од високите приоритети. Нема Македонија капацитети и тие мора да ги создаваме во многу брз временски период. Членството во НАТО, соработката со неколку од нашите стандардни сојузници треба да ни помогне да бидеме малку побрзи во прилагодувањето.

Македонија е одамна ангажирана во процесот за НАТО, кои уште реформи и реформски слабости преостануваат?

- Преговорите се процес без кој не се може значи вие во преговорите не се очекува вендаш да се промените. Вие треба да ги дадете плановите како и каде се движи државата. И во делот на одбраната и во делот на другите сфери. Инаку не би очекувале за три-четири месеци да се завршат работи ако тие биле некои неочекувани, многу сложени. Се работи за еден и формален процес во којшто Македонија и формално треба да го декларира прифаќањето на обврските во поглед на издвојување два процесни од БДП, во поглед на модернизирање на армијата. Ние ќе мора да прифатиме обврска дека 20 проценти од буџетот на одбрана ќе го насочиме кон модернизација на нашите капацитети. Тоа е добро за нас, но е и еден одусловите и на НАТО. Околу овој дел ќе имаме сериозни дискусии но тие не се нови. За овие теми дискутиравме со НАТО претставниците целата измината година кога го работевме стратегискиот одбранбен преглед. Во поглед на фунцкионирањето на правната држава повеќе ќе нѐ гледаат што се случува, а не што се зборува бидејќи во тој дел Македонија ја има завршено задачата. Усвоени се главните закони, предвидени се решенија, главно е да покажеме дека Македонија продоложува да ги исполнува тие критериуми.

Македонија беше подготвена да стане членка на НАТО и пред десет години ама овие десет години не биле вакум. Многу работи се влошија. Ние во 2008 година бевме држава со слободни медиуми, со регуларни избори, држава којашто имаше демократија во развој. Во 2017 оценките пред изборите беа дека е заробена држава со корумпирани или замолкнати медиуми и со целосно колабирање на правнта држава. Оваа година ја изминавме во менување на таа слика за Македонија и реално како резултат на тие промени и реформска активност ја добивме НАТО поканата. Но сега ќе треба да ги надоместиме и последиците на десетгодишно занемарување на одбраната. Подобрување на професионалноста, зголемување на финансирањето на одбраната но и точен план кој тип на армија ќе развиваме, кој тип на капацитети ќе развиваме, на кој начин Македонија ќе може да каже дека придонесува кон НАТО.

Ако не помине Преспанскиот договор ништо од ова нема да се реализира, пропаѓа ли сево ова ако не се изгласаат потребните уставни измени?

- Собранието ја има и историската можност и историската одговорност да ја отвори вратата на Македонија за членство во НАТО. Сум била пратеник и знам дека во мандат имате една или ниедна таква можност да влезете во историјата и да кажете мојата држава ја обезбедив со членство во најмоќниот сојуз. И јас сум убедена од сите разговори што сум ги имала со пратеници дека и самите се свесни за големата одговорност но на крајот зависи од секој пратеник. Доколку се обезбеди двотретинското мнозинство Македонија ќе покаже и на Европа и на светот и на регионот дека знае што сака и знае како таа цел да се исполни. Доколку надвладеат партиските и личните интереси на неколкумина тоа ќе биде голем минус за Собранието и за нас ќе значи неопходно итно закажување на предвремени избори.

Бидејќи граѓаните очекуваат решенија, не очекуваат нови кризи, нови блокирани процеси. Сметаме дека тоа ќе биде решение коешто ќе и даде шанса на Македонија да стане членка на НАТО и да обезбеди почеток на преговори со ЕУ.

Како можат избори да бидат решение кога отвораат проблеми? Не се знае кога ќе се одржат, дали ќе има блокади, дали ќе се пробијат сите рокови, нема ли да отворите Пандорина кутија ако одите на избори?

- Секој план или предлог има ризици. Меѓутоа кажете ми ја која е алтернативата? Ние не влеговме во избори без да ги ставиме работите на вага. Ние и денеска велиме, за Македонија е подобро процесот да заврши со успешна собраниска процедура. Ама ако таа процедура е невозможна во овој парламент тогаш редно е мандатот да го вратиме кај граѓаните. Друга опција не постои, му даваме шанса на овој парламент да гласа. Ако повторно целта биде да се уценувам да се блокира, да се успори овој процес тоа е најлошата опција бидејќи роковите ни се познати на сите. Ако дадеме шанса да трае до недоглед, ништо нема да се случи. Затоа велиме ако Собранието одлучи да им даде шанса на стратешките интереси на државата, одлично. Ако не, избори се единствена опција, друга не постои.

Ќе се пробијат ли роковите ако има избори? Да или не?

- Зависи како ги дефинирате, ние контактираме постојано и со нашите партнери и со Грција и сметаме дека и во случај на избори можно е да се стигне навреме за да грчкиот Парламент може да го ратификува и договорот со Македонија и нашиот договор за пристапување кон НАТО. Многу сме посветени не само на целта, посветени сме Македонија да ја реализира целта во предвидените рокови. Затоа што овој процес може да биде успешен само ако е целосно завршен. Ако е половина завршен, никому нема да донесе добри вести, затоа велиме сега е моментот Собранието да ја искористи својата историска шанса, во спротивно граѓаните ќе ја реализираат таа историска шанса.

Тања Милевска


Администратор
18/10/2018 09:54