Извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов во интервју за МИА истакнува дека граѓанската асоцијација ќе го набљудува гласањето со околу 1.500 набљудувачи со што ќе бидат покриени околу 33 отсто од гласачките места во Република Македонија, како и 33 отсто на ниво на секоја општина.

- Дополнително, во секоја општина ќе имаме мобилни набљудувачи кои ќе ја набљудуваат атмосферата надвор од гласачките места. Ќе бидат распоредени набљудувачи и во сите 80 општински изборни комисии, како и во Државната изборна комисија, вели Алексов.

Извршниот директор на МОСТ потенцира дека никој не смее да го повредува правото на глас и да врши притисок граѓаните да не излезат да гласаат.

- Секој граѓанин со право на глас мора да ги има сите услови непречено да го оствари ова свое право. Во сите 16 изминати години, МОСТ ги повикувал граѓаните да излезат и да гласаат, а институциите и останатите засегнати страни да им овозможат слободно да ја изразат својата волја. Оттука, ги повикуваме граѓаните да не ја пропуштат оваа шанса и да учествуваат во носењето на оваа важна одлука, вели Алексов во интервјуто за МИА.

Господине Алексов заврши јавната пропаганда за референдумот на државно ниво што ќе се одржи в недела. Кои се вашите оценки за текот на кампањата и изборните органи?

Согласно извештаите на набљудувачите на МОСТ и оценката дадена во нашиот периодичен извештај, кампањата помина мирно и релаксирано, со директни средби со граѓаните и повисок интензитет на т.н. кампања врата до врата. Бевме сведоци и на голем број на информативни дебати и трибини кои придонесоа за зголемување на нивото на знаење и информираност на граѓаните во очи на референдумот. Новиот состав на ДИК работеше ефикасно, во колегијална атмосфера и одлуките ги носеше едногласно, нешто што одамна не сме го посведочиле. Мора да се пофали и транспарентноста на ДИК, уште едно нешто што недостасуваше во изминатиот период. Од друга страна, забележани беа извесни минорни пропусти во едукацијата на изборната администрација.

Може ли да се направи компарација со изборните кампањи?

Кога има избори, граѓаните вршат избор помеѓу политички партии, коалиции или независни кандидати. Кога има референдум не се гласа за политичка опција, туку граѓаните се изјаснуваат за референдумското прашање, па оттука, оваа кампања имаше информативен карактер во однос на истото.

Колку набљудувачи ангажираше МОСТ за референдумот?

Граѓанската асоцијација МОСТ ќе го набљудува гласањето со околу 1.500 набљудувачи со што ќе бидат покриени околу 33 отсто од гласачките места во Република Македонија, како и 33 отсто на ниво на секоја општина. Дополнително, во секоја општина ќе имаме мобилни набљудувачи кои ќе ја набљудуваат атмосферата надвор од гласачките места. Ќе бидат распоредени набљудувачи и во сите 80 општински изборни комисии, како и во Државната изборна комисија.

Дали и како МОСТ може да им помогне на гласачите кои не ќе можат да го остварат своето право во недела?

За целото времетраење на референдумот активна е телефонската линија 080-080-080 на која граѓаните може да пријавуваат какви било нерегуларности поврзани со референдумот. Што се однесува до гласањето во недела, апелираме граѓаните да проверат во кое гласачко место гласаат, а да ја проверат и точната негова локација, што може да се направи на веб-страницата http://izbirackispisok.gov.mk. Доколку имаат некакви забелешки во однос на постапката на гласање, во рок од 24 часа имаат право да поднесат приговор до ДИК. Во случај гласачот да не може да го оствари своето право на глас, а се работи за пречки кои може да се отстранат, доколку веднаш поднесе приговор може и да му биде дозволено да гласа во текот на денот.

Очекувате ли успешен референдум?

Референдумот е највисокиот облик на непосредна демократија и претставува ретка шанса за граѓаните директно да бидат вклучени во процесот на донесување на одлуки. Впрочем во овие 27 години независност, ова ќе биде само трет референдум на државно ниво. Она што сакам да го потенцирам е дека никој не смее да го повредува правото на глас и да врши притисок граѓаните да не излезат да гласаат. Секој граѓанин со право на глас мора да ги има сите услови непречено да го оствари ова свое право. Во сите 16 изминати години, МОСТ ги повикувал граѓаните да излезат и да гласаат, а институциите и останатите засегнати страни да им овозможат слободно да ја изразат својата волја. Оттука, ги повикуваме граѓаните да не ја пропуштат оваа шанса и да учествуваат во носењето на оваа важна одлука.

Елизабета Вељановска Најдеска


Администратор
28/09/2018 10:20